[Интервју] Велимир Жерновски: Време е за згрозување и вклучување на заспаните мозоци!

„Сета убавина мора да умре“ е последниот проект на уметникот Велимир Жерновски кој предизвика големо внимание во јавноста, откако повеќе билборди со, како што милуваат да речат одредени медиуми, „чудни“ пораки, се појавија низ улиците на Скопје. Во интервју за Радио МОФ, Жерновски говори за уметничкиот проект, прикриениот обид за негова цензура, како и за преиспитувањето на границите кои важат за непоместливи.

Фото: Жарко Чулиќ

Со вашиот уметнички проект „Сета убавина мора да умре“ по повод празникот 8-ми септември, со цртежите како билборди во јавниот простор упативте уметничка критика на основните претпоставки на државотворноста и независноста. Проектот отвора простор за сите оние кои се исклучени и маргинализирани во државните прослави на овој празник, но и поттикнува критика на насилството како производ на национализмот и неговата маскулинистичката логика. Дали ја постигнавте целта?

“Look around everywhere you turn is heartache
It’s everywhere that you go (look around)
You try everything you can to escape
The pain of life that you know (life that you know”1

Па не знам дали сме ја постигнале целта, односно дали воошпшто ваквите проекти имаат една одредена цел кон која се стремат. Но ако целта беше овој народ кој повеќе не реагира на ништо и како умртвено тело е под постојана хипноза на маркетинг кампањите и „иднините“ кои му се нудат, изреагира на било каков начин, а медиумите оние „гигантските“ македонски информираа дека народот се згрозил, тогаш можам да речам да, овој проект ја постигна една од своите цели. Па дајте малку да се згрозиме, малку да ги вклучиме заспаните и по фиоки оставени мозоци. Јас ниту во еден момент немав амбиција да го згрозам или исплашам овој народ, но ете, доколку се точни и тие тврдења на дел од медиумите тогаш ќе го прифатам и тоа како некаков успех, бидејќи на крајот од денот моја животна задача, како и на секој уметник,  е да го будам народот, да поттикнувам поинакви размислувања од оние кои му се сервираат секојдневно, како по билбордите така и по сите медиумски простори кои ни го окупираат секојдневието. Токму затоа сме тука и не гледам како тоа на цивилизациско ниво некому штетело и зошто некој би се плашел и оградувал од истото.

[Интервју] Велимир Жерновски: Време е за згрозување и вклучување на заспаните мозоци!

Сите ќе умрете, некои после, некои сега”, „Биди маж, оженствени се”, „Сигурни ли сте дека утрово го облековте вистинскиот пол ?”… ова се само дел од пораките на билбордите низ улиците на Скопје. Зошто овој пат ги одбравте билбордите како медиум и кон кого се упатени овие пораки?

“It makes no difference if you’re black or white
If you’re a boy or a girl
If the music’s pumping it will give you new life
You’re a superstar, yes, that’s what you are, you know it”2

Медиумскиот простор е буквално затруен од разно разни кампањи кои имаат една и единствена цел, а тоа е агресивно и безмилосрдно да ги напаѓаат сите наши сетила „24/7“. Ни се продаваат успешни мажи и послушни жени, скапи коли и вечен живот, ни се продаваат животни стилови и постојано не подучуваат што е добро а што не. Како да работиме со своите тела, како да ги моделираме своите тела, како да внимаваме при донесувањето на одлуки кои единствено се однесуваат на нашите тела. Кога сме „убијци“  и кога сме подложни на казни од виши сили како резултат на нашите одлуки. Ни кажуваат кого да мразиме а кој е достоен за почит, да внимаваме да не случајно дојдеме во допир со некои луѓе кои одлучиле да живеат поразлично од масата, или уште полошо да бегаме од луѓето кои живеат со разни вируси, болести итн…. Да внимаваме да не случајно излеземе од зацртаната „сеприфатена и над сите закони“ траекторија.

Епа оттука, ако живееме во време кога цвета маркетингот и ја презема работата на она што го перцепираме како некаков реален простор, тогаш мене ми е тотално бизарно и досадно да се занимавам со бронза, мермери и други тешки и неподатни материјали. Тогаш ајде да влеземе и ние во тој простор, да видиме што нуди и какви пораки можеме да испратиме преку истиот. Да ги испитаме границите и бедемите кои важат за непоместливи. Ајде наместо вечен живот и херои кои живеат вечно да го ставиме зборот СМРТ на билборд. Ајде да зборуваме за СЕКСОТ! Ајде малку да видиме по кои критериуми „МАЖИШТАТА“ ги избркаа жените од парковите и им кажаа кај им е местото, таму по шопинг улиците ?  Каде се партнерите на „боговите“ кои ги воздигнавме и ги обожуваме? Каде се сите останати? Мислам дека се ова добри и вистински предизвици за секој кој сериозно е решен да се бави со уметност во времево во кое живееме. Сепак заборавивме малку каде сме, успеаа да не прешалтаат во некои постари, малку помрачни времиња. Светот отиде напред, а ние не смееме да дозволиме да ни се лизне од раце!

Повеќе провладини медиуми објавија текстови за „чудните“ билборди кои се појавиле во Скопје. На авторите на овие написи не им беше јасен вашиот проект, но и покрај тоа, не им паднало на памет да ве побараат за изјава. Во рецензијата на еден од овие текстови од Сервисот за проверка на факти од медиумите, се вели дека постои намера за цензура на уметничко дело. Дали во Македонија веќе нема место за „различноста“ во јавниот простор, па дури и кога таа е уметничко дело, веднаш се бара начин како да се отстрани за да не ги вознемири обичните граѓани во нивното розово секојдневие, или пак натера на размислување додека одат по улица?

“Beauty’s where you find it
Not just where you bump and grind it…”3

Па не знам од каде стравот да се обратат и да прашаат „што авторот сакал да каже?“ Јас не помнам дека некогаш сум одбил соработка со било кој медиум а уште помалку да се замерам за нешто!? За воља на вистината јас се занимавам во голема мера со ПОП културата и медиумите ми се извор како на инспирација, така и медиум преку кој работам. А што се однесува до цензурите, секако дека е пракса која не дека не ни е непозната и не би се изненадил ваквите написи да целеа кон тоа. Но пак ќе кажам, уметност е, дајте малку посветете внимание, промислете, завртете се околу себе. Можеби и навистина дошло време да разговараме за некои прашања кои не ви паднале на памет!? Што се однесува до „различноста“ во јавниот простор, мислам дека ако нешто докажавме со овој проект, тоа е дека и тоа како се уште има место за неа и јас би ги охрабрил сите колеги да се обидат да ги поместуваат границите кои постојат единствено во нашите глави. Шоуто мора да продолжи!

Нашето искуство е паланечко, вели еден од билбордите од „Сета убавина мора да умре“. Паланката функционира во духот на затвореноста и стравот од различноста и непознатото, сето тоа завиено со многу национализам и државотворни митови. Што ќе излезе на површина откако ќе умре убавината?

“Vogue, vogue”4

Да знаев и да бев сигурен во некаква иднина, ако некој воопшто може да биде сигурен, одма ќе понудев решение :) Но ако не пробуваме и не се трудиме да ги преиспитуваме нештата со кои живееме тогаш не и оставаме простор на иднината да се случи. Не е мое да ги креирам политиките, единствено што се трудам е да отворам простор за нови читања и преосмислувања на просторот, било да е јавен, приватен, виртуелен, политички, социјален и каков уште не. И да, цврсто стојам на мојата порака дека УБАВИНАТА МОРА ДА УМРЕ! ПОИНАКОВ СВЕТ Е ВОЗМОЖЕН!

1;2;3;4; Madonna, Vogue, I’m Breathless: Music from and Inspired by the Film Dick Tracy, 1990 USA

Кристина Озимец