Отворена изложбата „Розови тигри и златни гуштери и сѐ друго“

Во резиденцијата на Европската Унија во Скопје е отворена уметничката изложба за Европскиот зелен договор насловена „Розови тигри и златни гуштери и сè друго“.

Главната тема на изложбата е спречување на колапсот на биодиверзитетот, што е меѓу основните цели на Европскиот зелен договор, а самата изложба е дел од кампањата што ја започна Делегацијата на ЕУ во ноември минатата година повикувајќи на силна политичка посветеност и итна акција на сите нивоа во справувањето со климатските промени.

Учесниците Вана Урошевиќ и Зоран Тодовиќ, Велимир Жерновски, Маја Кировска, Ненад Тонкин и Озбек Ајваз беа избрани од скопската галерија Акантус. Тие имаа можност да ги изразат своите грижи поврзани со животната средина инспирирани од Европскиот зелен договор и притоа изработија уникатни уметнички дела кои ќе послужат како мотив за размислување при интерактивните дебати што Делегацијата на ЕУ ќе ги организира во следните три месеци.

Преку работилниците ќе се отвори простор за дискусија за најрелевантните прашања поврзани со Зелениот договор во Северна Македонија како и за можните решенија. Предвидено е да вклучуваат деца, студенти, претставници на граѓанското општество, властите и академските кругови.

„Изложбата ќе биде отворена за јавноста до 20 мај 2022 година. Резервација на време за посета и бесплатни билети може да се добијат преку страницата „ЕУ за Култура“, информираат од Делегацијата на ЕУ.

Зелениот договор на Европската Унија има јасна цел – климатски неутрална и поотпорна Европа до 2050 година. За постигнување на оваа цел, предложен е Европски Закон за клима кој правно побарува акции од сите економски сектори.

Фото: Делегација на ЕУ