Вкупно 48 жртви на трговија со луѓе биле откриени минатата година. Од нив, 39 лица се од Тајван, додека од останатите 9 жртви три се деца од Скопје, две возрасни лица од Велес, една повозрасна жртва од Русија, како и по едно дете од Куманово, Кичево и Прилеп.
Ова се најновите официјални податоци кои денеска ги претстави Јован Андоновски од Канцеларијата на Народниот правобранител на онлајн настан организиран од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ по повод 22 февруари, Европскиот ден на жртвите од криминал. Тој истакна дека жртвите во најголем дел се жени, со исклучок на едно машко дете.
Тој истакна дека жените и девојките најчесто се двојни жртви – и на сексуално искористување и на трудова експлоатација.
Минатата година се откриени и два случаи на македонски државјанки кои биле експлоатирани во Белгија и Босна и Херцеговина, а во изминативе години се забележуваат и договорени, односно присилни бракови кај децата. Пракса која е присутна и денес, забележа Андоновски.
Карантинот не ги спречи криминалците во своите активности
Во име на Народниот правобранител, Андоновски посочи дека идентификувањето жртви на трговија со луѓе е клучен предизвик, бидејќи како што истакна, само идентификуваната жртва може да се здобие со ефективна и ефикасна заштита и да се спречи нејзина понатамошна ревиктимизација.
„Ова бара итни и долготрајни услуги“, рече тој, појаснувајќи дека мисли на безбедно сместување, медицинска и правна помош, пристап до образование, вработување, доквалификација, домување…
Повеќето од овие услуги веќе ги нуди организацијата „Отворена порта“ преку нивниот центар во изминативе две децении.
Извршната директорка Јасмина Д. Рајковска вели дека старосната граница на жртвите од трговија со луѓе постојано се намалува. Во изминативе години, најголем број од жртвите кои ги откриле се деца од 12 до 18 години.
Како организација се фокусираат на Законот за надомест на штета на жртвите, кој е изработен во соработка со државни и меѓународни претставници. Чекаат и се надеваат годинава да биде усвоен.
Според Рајковска, пандемијата доведе до комплетно нов начин на функционирање на општеството, а со тоа и самата трговија со луѓе еволуирала.
„Се зголеми сиромаштијата, се зголеми насилството, се намалија можностите за вработување, многу луѓе ги изгубија своите работни места, а се зголеми комуникацијата на интернет платформите, со тоа граѓаните станаа уште поранливи на трговијата со луѓе“, рече Рајковска.
Новите форми на трговијата со луѓе ги принудиле и членовите на „Отворена порта“ да го сменат нивниот пристап во превентивните активности. Па, повеќе се фокусирале на трудовата експлоатација. Така дошле до идејата да креираат платформа со лажни понуди за работа во странство.
Кампањата привлекла голем интерес. За само еден по објавувањето на платформата, во „Отворена порта“ добивале биографии, апликации, лични информации…
„Статистиката покажа дека околу 6000 корисници на интернет активно се вклучија да пребараат работно место и кликнале на апликацијата. Но, и покрај тоа што кога корисникот ќе кликнеше и ќе добиеше информација дека е експеримент, како може да стане жртва на трговија со луѓе, 271 лице сепак испратиле биографија“, вели разочарано Рајковска.
Ова го потврдува нејзиното мислење дека и покрај јавните кампањи, општата популација сè уште не е соодветна информирана.
„Карантинот не ги спречи криминалците во своите криминални активности, туку напротив, брзо се прилагодија на интернет“, забележа Светлана Влаховиќ, заменик национален координатор за борба против трговија со луѓе.
Таа се пофали дека минатата година имале успешна полициска акција како резултат на соработката со Интерпол и странски полициски служби. Во неа ги откриле младите 39 лица од Тајван, кои биле држени во заложништво и биле принудувани да вршат измами по телефон.
Влаховиќ ја загрижува фактот што се зголемува бројот на деца како жртви на трговијата со луѓе. Затоа, при носењето на новата Национална стратегија за борба против трговијата со луѓе, предвиделе и посебен акциски план наменет за децата.
„Она што мислам дека дава резултат во пракса е националниот ‘таск форс’ против трговија со луѓе“, вели Влаховиќ, појаснувајќи дека него го предводат јавен обвинител и 50 полициски службеници од разни единици при Министерството за внатрешни работи.
Покрај ова, во пет градови функционираат мобилни екипи составени од претставници на МВР, но и Министерството за труд и социјална политика и од невладиниот сектор. Тие минатата година во периодот од август до декември, ги контактирале 260 граѓани. Од нив, откриле седум потенцијални жртви.
Трговијата со луѓе е еден од „најпрофитабилните“ бизниси
Влаховиќ извести дека во МВР веќе е формирана и специјализирана единица за финансиски истраги, бидејќи како што истакна трговијата со луѓе е еден од најпрофитабилните бизниси каде мотивот се парите.
Уранија Пировска, извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, се потсети на периодот кога на македонските граници имаше бегалска криза и масовен прилив на мигранти, кои како што посочи, мистериозно исчезнувале особено во делот на Табановце. Таму бил стациониран и нивен тим со претставници кои неофицијално дознавале дека меѓу мигрантите и бегалците има жртви на трговија со луѓе.
Пировска се повика на последниот извештај на „Стејт департментот“ каде се наведува дека Северна Македонија е држава која не ги исполнува минималните стандарди за да може да се справува со трговијата со луѓе. Ова според неа е разочарувачки ако се знае дека законите се добро уредени.
„Оние на кои им е дадено задачата да го спроведуваат законот и тие оперативни процедури, тоа не го прават на начин кој би довел до некаков позитивен исход“, забележа таа.
Хелсиншкиот комитет за човекови права иако не работи директно со жртвите на трговијата со луѓе, сепак работат со потенцијалните жртви, или тоа како што истакна Пировска најчесто се жртвите на семејно насилство, деца Роми, лица со атипичен развој, сексуалните работнички, како и текстилните работнички.
„Доколку системот би им ја давал онаа базична заштита којашто им е потребна како ранлива категорија, тие воопшто не би биле доведени до тоа да бидат потенцијални жртви и понатаму жртви на трговија со луѓе. Државата и покрај тоа што ги има сите оние неопходни структури да го прави тоа, сепак не води сметка на идентификација на ранливите групи кои понатаму стануваат на жртви на трговија на луѓе, не им ја даваат потребната заштита“, рече Пировска.
Превенцијата е најважна
Заеднички именител на трговијата со луѓе и организираниот криминал се жртвите кои од различни мотиви паднале во мрежата на трговците, кои пак, преку нивната експлоатација добиваат огромен профит што потоа тежнеат да го прикажат како легален, забележа Андоновски.
Народниот правобранител минатата година изработи дури пет извештаи во кои се даваат препораки за подигнување на јавната свест, засилена соработка на државните институции и невладиниот сектор, како и формални протоколи за надлежностите за да се надмине конкуренцијата помеѓу сите што работат на проблемот.
„Наместо да има конкуренција и натпревар, треба да се сфати дека заедно работиме на една иста цел, а тоа е подобрување на состојбата во оваа област“, рече тој.
Предложи и претпазливост при идентификување на жртвите, за да се избегне двојна виктимизација. Потоа, посочи и воведување на квалитетни програми за реинтеграција на жртвите, но и соработка со државите од регионот за размена на информации.
И таа, како и Андоновски, го споменаа феноменот на неказнивост.
„Ние додека работевме на терен, и во Гевгелија и во Табановце, доаѓавме до неофицијални информации дека полициски и други службеници од локалната власт се вклучени во тој ланец на криумчарење и понатаму трговија со луѓе. Меѓутоа, многу мал дел од тие службеници се соочуваат со потребните санкции. Извештајот на ‘Стејт департментот’ говори дека судот не носел условни пресуди и се одлучувал за казна затвор, меѓутоа многу мал број на такви случаи стигнале до судот“, вели извршната директорка на Хелсиншкиот комитет.
Таа смета дека во мобилните тимови кои функционираат засега во пет градови, треба да постојат во повеќе градови и во нив да бидат вклучени претставници од повеќе профили како здравствени и просветни работници.
Во меѓувреме, Рајковска најави дека како „Отворена порта“ ќе продолжат да ја нудат бесплатната СОС-линија 080011111 и ќе ја информираат јавноста за ризиците од трговијата со луѓе.
Емилија Петреска