Над 80 организации за проверка на факти го повикаа Јутјуб да се бори против дезинформациите

Повеќе од 80 организации за проверка на факти од целиот свет преку отворено писмо го повикаа Јутјуб да стори повеќе за да се справи со дезинформациите, пренесува „Ал џазира“.

Во писмото упатено до шефицата на Јутјуб, Сузан Војчицки, организациите од „Африка чек“ со седиште во Кенија, па до „Политифакт“ и „Вашингтон пост“ во Соединетите држави, понудија да помогнат на платформата да ги разоткрие лажните изјави.

„Секој ден гледаме дека Јутјуб е еден од главните канали на онлајн дезинформации и погрешни информации ширум светот“, велат тие, додавајќи дека видеата што содржат лажни информации биле „под радарот“ на политиките на платформата, особено во земјите од неанглиско говорно подрачје.

„Ве повикуваме да преземете ефикасна акција против дезинформациите и погрешните информации … и да го сторите тоа со независните, непартиски организации за проверка на фактите во светот“, додаваат тие.

„Нашето искуство како проверувачи на факти заедно со академските докази ни кажува дека излегувањето на површина на проверени информации е поефективно од бришењето на содржината“.

Меѓу нивните препораки, групите го повикаа Јутјуб да се фокусира на обезбедување контекст и да понуди разоткривања, а исто така го повикаа да се погрижи неговиот алгоритам за препораки активно да не промовира дезинформации на неговите корисници.

Портпаролот на Јутјуб, Елена Хернандез, ја бранеше платформата, велејќи дека проверката на фактите е „клучна алатка“, но само „едно парче од многу поголема загатка за справување со ширењето на дезинформации“. Таа рече дека платформата забележала „важен напредок“.

„Со текот на годините, инвестиравме многу во политики и производи во сите земји… за да ги поврземе луѓето со авторитативни содржини, да го намалиме ширењето на граничните дезинформации и да ги отстраниме навредливите видеа“, додаде таа.