Шведска формира aгенција за борба против дезинформации

Шведска, која одржувa општи избори во септември, ѝ се придружи на Франција во создавање агенција за борба против дезинформациите, јавува АП.

„Мисијата на шведската Агенција за психолошка одбрана е да го одбрани нашето отворено и демократско општество и слободни мислења преку идентификување, анализирање и реагирање на несоодветни влијанија и други погрешни информации насочени кон Шведска или шведските интереси“, информираа властите од Шведска.

Агенцијата започна со работа на 1 јануари. Има одделенија кои соодветно „го идентификуваат, анализираат и реагираат на несоодветното влијание на информациите и другите погрешни информации“ и целат кон „развој и зајакнување на целокупниот капацитет на општеството за психолошка одбрана“.

Владиниот орган, кој не именува ниту една земја за која се сомнева дека учествувала во кампањи за дезинформации, рече дека ќе обезбеди поддршка за населението, агенциите, општините, медиумите, доброволните одбранбени организации и граѓанското општество воопшто, како и да работи за зголемена координација меѓу овие актери.

Во 2018 година, домашната разузнавачка агенција на Шведска рече дека странски сили не спровеле сеопфатна кампања за да влијаат на шведските парламентарни избори. Сепак, се додава дека „странската сила има влијание врз Шведска на долг рок“.

Следните општи избори во Шведска се закажани за 11 септември.

Франција, која има претседателски избори во април, формираше агенција минатата година за борба против странски дезинформации и лажни вести.