Пази, петарда!

Предновогодишниот период е исполнет со возбуда, еуфорија и петарди. Токму поради тоа, решивме да направиме мал експеримент и да побараме тезги од кои може да купиме петарди, кои инаку се нелегални за продажба.

Се упативме до Бит Пазар. На почетокот на пазарот, ја забележавме првата импровизирана тезга со петарди, сместена помеѓу тезгите за честитки, жижици и лампиони. Сепак, решивме да ја одминеме, можеби подобра зделка ќе нè чека зад аголот. Тргнавме накај улицата што води до „Женскиот пазар“.

Веќе малку подолу, тезгите со петарди почнаа да се нижат една по друга, помеѓу маските за телефони, качакот и музичките цедеа. Тезгите беа импровизирани, изложуваа по неколку вида петарди, а кутиите можеа да се избројат на прсти. Одминавме околу шест тезги долж улицата, но веќе не можевме да забележиме петарди, па се вративме назад.

Пред првата тезга со петарди имаше група од пет-шест момчиња, средношколци, кои љубопитно разгледуваа и се договараа што да купат.  Продолживме понатаму и стигнавме до една тезга каде продавачот штотуку го испраќаше претходниот купувач, па беше во форма. Му пристапивме.

Очите ни паднаа на едно жолто пакување, што личеше на шпил карти. „А овие колку се, едно вакво?“, прашавме. Цената беше 50 денари, а внатре имаше зелени мали петарди. Во очи ни падна голема црвена туба, личеше на ТНТ од „Којотот и брзата птица итрица“. „А овие што се?“, прашавме, на што продавачот ни одговори „Тие се што силно пукаат. 100 денари парче“. Го зедовме и „динамитот“.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Radio MOF (@radiomof)

Продавачот ни ги спакува петардите во црно најлонско кесе. Очекувано, не добивме ни фискална. Во хаосот, се разминувавме со заинтересирани тинејџери и уште позаинтересирани продавачи.

Пристапивме до втората тезга, имаше стандардни зелени петарди, целата кутија беше 200 денари, но решивме да не ја купиме. Зелени, црвени, жолти, црни. Имаше секакви петарди, а ние стоевме пред тезгата како Зоки Поки и Лидија.

Во очи ни паднаа црвени подебели петарди, кои не ги видовме претходно, а се продаваа на парче. „Се извинувам, да ве прашам овие колку пари се“, прашавме. „10 денари петарда“, одговори продавачот. „Колку пати пука, еднаш, двапати“, потпрашувавме, а тој додаде „Еднаш пука, ама појако пука.“ Решивме да ја купиме и црвената петарда.

Забележавме и црни петарди, спакувани беа во кутија. „А ова цела кутија колку е?“, бевме упорни, додека продавачот ги забележа слушалките и со поглед почна да бара и мобилни. „Цела кутија е 1000 денари. Овие појако пукаат, тие помалку“, рече, мислејќи на црвените петарди.

Ниту на Бит Пазар, ниту во околината на плоштадот и паркот „Жена борец“ не наидовме на полиција. По Бит пазар, се упативме и до Зелено пазарче. Направивме обиколка, но не најдовме тезги за петарди, туку честитки и по некоја жижица.  Се вративме во канцеларија сосе „уловот“.

Уловот/ Фото: Радио МОФ

Токму вчера, околу 16.35 часот на улицата „Борче Јовановски“ во Гостивар, полициски службеници привеле четириесетгодишен гостиварец.

При преглед во неговата монтажна барака биле пронајдени околу 1600 разновидни петарди и други пиротехнички средства. Тој бил задржан во полициската станица Гостивар и по целосно документирање на случајот ќе му биде изготвен соодветен поднесок за „недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“.

Последните неколку дена според податоците на институциите се запленети над 30.000 парчиња пиротехника, а приведени се неколку лица.

Од МВР за Радио МОФ велат дека во изминатава година нема регистрирано кривични дела како „Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“, односно нема кривични дела за недозволена трговија со пиротехнички средства.

„Поднесени се 10 прекршочни пријави против 12 лица, кои неовластено употребувале пиротехнички средства, а полициски службеници вршат контроли на тезгите за новогодишни реквизити, на пазарите, продавниците и другите јавни места“, велат од МВР, посочувајќи дека им се придружуваат и од Државниот пазарен инспекторат.

Оттаму потсетуваат дека употребата на пиротехнички средства се казнува и дека нивната продажба е нелегална.

Според Законот за прекршоци против јавниот ред и мир во член 31 се предвидува казна во износ од 200 до 500 евра во денарска противвредност за оној кој неовластено пука од огнено оружје, употребува пиротехнички средства или сличен експлозивен или лесно запалив материјал, или на сличен начин го нарушува мирот и безбедноста на граѓаните.

И.С/Е.П.