[Фото] „Декриминализација на сексуалната работа, кога?“ – Марш на црвените чадори во Скопје

Маршот на црвените чадори денеска помина низ центарот на Скопје, движејќи се од платото на спомен куќата на Мајка Тереза, па до плоштадот „Филип Втори“.

Сексуални работници по 14-ти пат продефилираа барајќи декриминализација на сексуалната работа, унапредување на нивните човекови, работнички и здравствени права, како и итноста од донесување нова правна рамка за регулација на сексуалната работа во Република Северна Македонија.

Според Моника Тасевска од СТАР – Прв Колектив на сексуални работници на Балканот, во тешките и кризни времиња предизвикани од пандемијата на Ковид-19 не треба да се заборави на најмаргинализираните граѓани. Тие, како што истакна Тасевска, беа исклучени од владините мерки за помош и заштита и без поддршка од институциите.

„Да ги прашаме носителите и донесувачите на законите: Декриминализација кога? Системската дискриминација има создадено бариери, па многу од нас сексуалните работници не можат да пристапат до здравствени, социјални и правни услуги, а со тоа ни се негира правото на заштита и поддршка. Декриминализацијата значи поголема веројатност за сексуалнитe работници да живеат без стигматизација, социјална исклученост и страв од насилство“, рече Тасевска во своето обраќање пред маршот.

Сексуалната работа не е правно регулирана во Северна Македонија, а вршење на дејност поврзано со сексуална работа се смета за нарушување на јавниот ред и мир, или пак во други ситуации, некои активности поврзани со сексуална работа се третираат и казнуваат како кривични дела.

Според досегашните истражување на СТАР Колективот, сексуалните работници во Северна Македонија, особено жените и трансродовите лица се соочуваат со висок степен на насилство, особено родово базирано насилство. Тие се мета на омраза и малтретирање на јавните простори без соодветен одговор од институциите за заштита на нашата заедница, како што истакна Тасевска.

„Бараме декриминализација на сексуалната работа затоа што декриминализацијата е почитување на човековите права и достоинство. Бараме декриминализација на сексуалната работа затоа што декриминализацијата помага од заштита од насилство и злоупотреба. Бараме декриминализација на сексуалната работа затоа што декриминализацијата ја ограничува полициската злоупотреба и насилство. Бараме декриминализација на сексуалната работа затоа што декриминализацијата ги ограничува последиците од кривично досие“, истакна Тасевска.

Со маршот традиционално се одбележува 17-ти декември, Меѓународен ден за спречување на насилството врз сексуалните работници. Организатори на денешниот марш беа СТАР – Прв Колектив на сексуални работници на Балканот, со поддршка на ХОПС – Опции за здрав живот Скопје и Коалиција Маргини.

И.С./Е.П.