„Количеството на дезинформации е огромно“ – одржана годишната конференција „е-Општество.мк“

Дигиталната трансформација, отворените податоци и нивната важност за демократскиот развој, дезинформациите и медиумската писменост беа дел од темите на кои се зборуваше на интернационалната конференција е-Општество.мк. организирана од страна на Метаморфозис Фондација, која траеше од 30 ноември до 3 декември.

На последниот конференциски ден се одржаа и една работилница, една сесија и затворање на конференцијата со прогласување победник на вториот Хакатон за отворени податоци, како и дискусија насловена „Дезинформации и закана за демократијата“.

Извршниот директор на Здружението на новинарите на Македонија, Драган Секуловски нагласи дека Македонската радио-телевизија како јавен сервис платен од граѓаните би требало да ја има улогата на главен сервис за проверка на фактите. Но, тој рече дека е загрижувачки што МРТ оваа година има за половина помал буџет во споредба со минатите години.

Важноста за зајакнување на финансиската поддршка на МРТ ја истакна и Катерина Синадиновска, претседателка на управниот одбор на Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ). Таа рече дека секој јавен сервис е должен да ја едуцира јавноста и да произведува своја квалитетна содржина наспроти емитуваната купена програма од други медиски куќи, а за тоа е потребен и
доволен буџет.

Уредничката на Порталб.мк, Елида Зулбеари истакна дека од новинарски аспект е дискриминаторски феноменот на создавање нови медиуми во период на предизборие кога треба да се поделат државни пари, а при преглед на истите се покажува дека многу од нив немаат ниту адреса ниту импресум, но се регистрирани еден месец пред почеток на кампањата со што ги исполнуваат условите за да добијат пари.

Зулбеари потенцираше дека токму такви медиуми шират дезинформации и го нарушуваат професионалното известување само за да остварат профит или да шират црна кампања и дезинформации со што придонесуваат во недовербата на јавноста во новинарството.

Говорниците се осврнаа и на потребата Стопанската комора да им препорача на компаниите да се рекламираат во медиуми кои се на позитивна листа на професионални медиуми од каде може да се следи нивната работа и со тоа да покажат општествена одговорност. На тој начин компаниите ќе можат полесно да ги дискредитираат непрофесионалните медиуми.

Против проблемот со дезинформациите на меѓународен план најдобро може да се бориме само обединети, проверувачите на факти од целиот свет треба да комуницираат постојано и да соработуваат, оти инфодемијата е глобален феномен а количеството дезинформации е огромно.

„Затоа и ја формиравме Меѓународната мрежа за проверка на факти (IFCN), за да се обединиме и да си помагаме. Така, сега имаме и база со 90.000 направени проверки на факти од целиот свет“, истакна Ферди Ферхат Озсој, програмски менаџер во IFCN.

Во дискусијата своите и искуствата на организациите што ги претставуваат, како и препораки за поефикасно справување со дезинформациите покрај Озсој и Стојановски, изнесоа и Алчео Смерили од Работната група на Западен Балкан (StratCom Western Balkans Task Force) при Европската служба за надворешно дејствување, како и Ана Јеше Перкович од Центар за европска перспектива (CEP) од Љубљана. За истото зборуваа и Иван Сигал, извршен директор на „Глобал Војсис“ и Владимир Петрески, уредник на Вистиномер.мк.

Според Перкович, проблемот со дезинформациите на Западен Балкан е посебно изразен, а причините за тоа можеби би можеле да се бараат и поради хроничната недоверба на граѓаните во властите, поради лошата транзиците во цела Источна Европа, генерално, па општествата не се отпорни на дезинформации.

„Кога зборуваме за дезинформациите и влијанието на демократскиот амбиент, прашање е како да ги направиме општествата многу потпорни на дезинформации. Еден фактор е образованието, втора е медиумска писменост, но секако ни треба повеќе професионално новинарство. Антиваксерските дезинформации бараат цело-општествен пристап, значи и властите треба да играат улога, но во оние земји каде довербата во нив е слаба, посебно важна улога треба да играат граѓанските организации“, истакна таа.

Победници на вториот Хакатон за отворени податоци се Web pillar & Data consulting.

Хакатонот за отворени податоци се организираше во рамките на Проектот на УСАИД за граѓанско учество и се одржа од 30 ноември до 3 декември во склоп на 17 издание на меѓународната конференција е- Општество.мк.