Нова учебна година – неиздржлив финансиски товар

Новата учебна година почнува денеска и за граѓаните е огромен финансиски товар , особено за оние што на училиште испраќаат повеќе од еден ученик, пишува Нова ТВ.

Статистиката покажува дека просечната плата се движи околу 300 евра, а за да се преживее овој месец, се потребни двојно повеќе пари, со оглед на фактот што школските потреби изнесуваат најмалку 100 евра од ученик и многу повеќе кога станува збор за студентите.

Покрај редовните месечни сметки за живеење, во кои се вклучени храната и режиските трошоци, буџетот е дополнително оптоварен од трошоците за образование и кредитите, но статистиките покажуваат дека за македонските семејства всушност низ целата година е невозможно да постои барем минимален дел од буџетот за уживање и забава, односно трошоци кои се однесуваат на посета на културни настани или пак на ноќни излегувања, вечери или коктели.

Бројот на запишани првачиња во Македонија е 20.774, информираше пред два дена министерот за образование Спиро Ристовски, кој додаде дека се надева на зголемување на овој број.

Министерот не ја исклучи можноста за појавување непланирани работи при стартот на училишната година.

Извор: НОВА ТВ