Тече пријавувањето на бруцошите за место во студентски дом, стотици слободни места има и за другите студенти

Министерството за образование и наука ги соопшти дека е во тек пријавувањето на студентите од прва година, запишани на јавните и приватните високообразовани институции, за место во државните студентски домови и други објекти за сместување, за студиската 2021/2022 година. Крајниот рок за поднесување на апликациите е 24.9.2021 година.

Условите, критериумите и потребните документи за остварување на правото на сместување во студентски дом се наведени во конкурсот кој е објавен на следниот линк.  Студентите кои ги исполнуваат условите пополнуваат електронска пријава и ја прикачуваат соодветната документација на http://e-uslugi.mon.gov.mk, а доколку немаат можност електронски да аплицираат, пополнуваат хартиена пријава (евидентен лист) и ја доставуваат потребната документација по конкурсот во студентскиот дом.

За бруцошите се предвидени 1249 места во студентските домови.

Истовремено, од МОН соопштија дека има останато над 700 слободни места и за останатите студенти. Согласно информациите по објавата на резултатите од аплицирањето на студентите од втора и повисоките години на студии, останати слободни места  има во студентскиот дом „Пелагонија“ (300), во „Кузман Јосифовски – Питу“ (30), „Томе Стефановски – Сениќ“ (110) и во третата зграда во „Стив Наумов“ (300).

За слободните места во студентските домови, кои се останати непополнети по објавување на конечните списоци, пријавувањето ќе продолжи сé до пополнување на истите, но не подоцна од 15.11.2021 година.