Скопје ве кани!

Во сабота (31 август)  на улица „Македонија“ ќе се одржи настан насловен „Скопје ве кани!“, кој има за цел да го поттикне креативниот потенцијал на граѓаните и ќе им се даде можност на јавниот простор да ги изразат своите мисли, желби и аспирации и да дадат свој печат на првиот градски ѕид на ставови.

Скопје ве кани!

Овој ѕид е првиот од серијата кои ќе им овозможат на граѓаните во Скопје, Тетово и Битола анонимно да ги изложуваат своите мислење за локалната заедница, образованието и општеството пред јавноста. Со ова Скопје се приклучува кон многу светски метрополи во кои има вакви инсталации, реплики на отворениот проект Before I Die Wall, на младата американска уметница Кенди Ченг.

Според програмата отворањето на настанот е закажано во 12.15 часот со Кирил Поп Христов, а диџите Ана Мало и Зоки Бејбе ќе ги забавуваат присутните се до 17 часот. 

Скопје ве кани!

„Јавниот простор е многу често потценет, а всушност низ него го поминуваме својот живот. Еден куп минувачи, секој од нив “заробен” во своите мисли, стравови, соништа… Па така, тргнувајќи од основното човеково право – слобода на изразување и инспирирани од еден од најкреативните светски општествени проекти, одлучивме на сите тие случајни минувачи да им дадеме можност, простор и уредени ѕидови на кои ќе можат слободно да ги споделат своите мисли, желби и аспирации“, посочуваат организаторите кои се надеваат дека инсталациите ќе ги охрабрат и инспирираат младите да креираат вакви површини и да го разиграат просторот и ставовите во својата средина.

Проектот се реализира во соработка со Фондацијата НВО Инфоцентар и Младинскиот образовен форум, поддржан од ЕУ преку Европскиот инструмент за демократија и човекови права (ЕИДХР), во склоп на националната кампања „Слободен си – изрази се“.