Добитник на Пулицерова награда ќе ги обучува новинарите на летното училиште на BIRN

Добитник на Пулицерова награда ќе ги тренира новинарите на летното училиште на BIRNЕрик Налдер, истражувачки новинар и предавач од САД, ќе одржи предавање на летното  училиште на Балканската истражувачка репортерска мрежа (БИРН), каде ќе учествуваат и пет новинари од Македонија.

Налдер има добиено две Пулицерови награди, една за национално известување во 1990-тата и другата за истражувачко новинарство во 1997 година. Тој исто така беше финалист за Пулицерова награда во јавниот сервис во 1992 година.

Неговата книга „ Tankers Full of Trouble“ е четиво за секој новинар , а иако во моментот е во пензија тој предава за интервјуирање и истражувачко новинарство во повеќе земји. Секоја година тој додава нови техники кои што ги научил од новинарите, полицајците, FBI агентите, адвокатите, социјалните работници и други практичари.

Освен Налдер, престижната школа која годинава ќе се одржи на езерото Блед, Словенија од 25 до 31 август, како предавачи вклучува новинари и уредници од Гардијан, Њујорк Тајмс, Универзитетот Колумбија, OCCRP и други.

„Школата за истражувачко новинарство го покрива целиот регион на земјите од поранешна Југославија, Бугарија, Романија и Албанија. Ги поврзува новинарите кои ги интересира корупцијата, криминалот и сите останати нелегални работи на бизнисмените, владите и организациите. Со самото тоа таа претставува важна основа за подобро владеење на правата во било која од овие земји. Воедно ги поврзува и домашните и регионалните новинари со светски познатите и признати предавачи и новинари, што претставува единствена прилика новинарите да научат нови техники од водечките стручњаци во одредени области“, вели Јелена Ќосиќ, проект менаџер на Летната школа за истражувачко новинарство на БИРН за Радио МОФ.

Се очекува летната школа да обезбеди информативна, квалитетна и забавна обука фокусирана на повеќе техники на истражувачкото новинарство, кои ќе им помогнат на новинарите кои пишуваат стории од областа на организираниот криминал и корупцијата, во печатените и електронските медиуми.

Летното училиште за истражувачко новинарство на BIRN е организирано во соработка со Media Program South East Europe of the Konrad-Adenauer-Stiftung и со поддршка на King Baudouin Foundation и Belgium National Lottery и мисијата на ОБСЕ во Косово, Србија и УСАИД Македонија.