Продолжен е притворот на новинарот Томислав Кежаровски

Продолжен е притворот на новинарот Томислав КежаровскиПродолжен е притворот на новинарот Томислав Кежаровски за уште 30 дена во истражниот затвор во Шутка. Според образложението, Кривичниот суд Скопје 1 по четврти пат му го продолжува притворот поради опасноста новинарот да избега и да не се појави на судењето во случајот „Ликвидација“.

Адвокатот на новинарот, Филип Медарски за „Нова Македонија“ вели дека нема официјална потврда на информацијата и дека тој како бранител на Кежаровски не добил никакво решение. Ниту Кривичниот суд Скопје 1 на својата веб-страницата нема објавено дека судот донел вакво решение.

Единствено сопругата на новинарот, Марина Кежаровска ја потврди информацијата.

„Вчера ми се јавија од затворот и ми кажаа дека стигнало решение со кое му се продолжува притворот на мојот сопруг. Не знам зошто и до кога ќе го прават ова и не знам зошто Томче не може да биде пуштен барем во домашен притвор“, изјави таа за „Нова Македонија“.

Новинарот Кежаровски беше уапсен пред три месеци во полициската акција „Ликвидација“, за текст кој го објавил пред пет години. Полицијата со специјалци кои рано наутро ја опколија неговата куќа го приведен под сомнение дека оддал информации за заштитен сведок во текст од пред пет години.

Ваквото однесување на полициските и судските власти ја разбрануваа јавноста и дома и надвор. Новинарските здруженија со потписи и протести пред судот побараа ослободување на Кежаровски, а со тоа и одбрана на слободата на изразувањето и запирање на притисоците врз фелата. Вакви барања упатија и Меѓународната федерација на новинарите и Европската федерација на новинарите кои го осудија апсењето на Томислав Кежаровски.

Во меѓувреме и покрај барањата на адвокатот Кежаровски да биде пуштен да се брани од слобода, за што беше понуден како залог и имотот на новинарот, судот сепак реши да го продолжи притвоторот во Шутка.