„Македонски визуелни уметници: Нада Прља“ – онлајн презентација на 3 јули

На Фејсбук страницата на КСП Центар Јадро на 3 јули (утре, сабота) од 20 часот ќе продолжи серијата презентации на македонски уметници со преглед на творештвото на визуелната уметница Нада Прља, авторка која има богата и репрезентативна кариера на светската уметничка сцена.

„Нејзините дела кои се изложувани во земјата и странство во последните две и пол децении, се реализирани во разлини медиуми и на различни теми, но во сите од нив се забележува специфичен авторски печат. Прља која припаѓа на генерацијата автори кои веднаш по дипломирањето суверено се вклучуваат на уметничката сцена кон средината на 1990-те , сериозно се наметнува со својот проблемски и тематски фокус до денес, како една од уметниците кои оставаат свој авторски печат, со вешто конципирани и реализирани дела. Секогаш земаќки го сериозно предвид општествениот контекст и актуелниот момент, со фокус на взаемната релација помеѓу контекстот, делото и публиката, создава можност за нивно поубедливо и поодличноактивитрање, а нивното влијание го прави повидливо и релевантно“, информираат од Центар-Јадро.

Во својата презентација насловена „Стратегиии на редефинирање, Прља ќе ни презентира еден преглед преку избор од делата создавани во подолг временски период, реализирани во различни медиуми, на различни теми.

„Презентирајќи ја преку нив и својата методологија, стратегиите кои ги користи и начините на кои ги реализира делата, контекстот во кој се изложувани и презентирани, ќе ни открие и за улогата на уметноста во современоста. Некои од позначајните дела на Прља се: „Ѕидот на мирот“ (Берлинско Биенале, 2012), „Розови соништа, или Љубовта што ме убива“ (Скулптурално, МСУ-Скопје, 2016)“, велат организаторите.

Инаку, оваа програма Центар-Јадро ја реализираат преку избор на 10 уметници од различни генерации, кои континуирано се присутни на уметничката сцена и за кои сметаат дека со своите дела, темите кои ги обработуваат, и авторскиот интегритет се релевантни до денес.

Разговорите се модерирани од историчарот на уметност и куратор, Владимир Јанчевски.