АМАН одбележува една година од најмасовните социјални протести

По повод одбележувањето на една година од  најмасовните социјални протести во Република Македонија, Граѓанската иницијатива АМАН утре(14 август) во 18 часот закажа собир  во знак на протест против укинувањето на правото на протест и како поддршка на „Паркобраните“ на местото на уништениот парк во Центар.

 АМАН одбележува една година од најмасовните социјални протести

Од АМАН потсетија на случувањата изминатиот период, кога пред една година започнаа социјалните протести против поскапувањето на струјата и парното, а на улиците во пет градови излегоа повеќе од 10 000 граѓани, кревајќи го својот глас против уништувањето на животниот стандард.

Протестите се одвиваа во текот на пет месеци, а во меѓувреме беше покрената и граѓанска иницијатива за измена на Законот за енергетика преку која се собраа над 13 000 потписи што ги однесе нивните барања во Собранието на Република Македонија. Таму, посочуваат од АМАН, пратениците на владејачката партија одбија да го послушаат гласот на граѓаните и со најпримитивни зборови ја нападнаа нашата „тетка Зорица“ која, сепак успеа храбро и достоинствено да ја изнесе нашата приказна.

„Се соочувавме со високи температури, со ужасен студ, со УМС на ВМРО ДПМНЕ и најразлични закани и заплашувања. И не потклекнавме! За оние што ја забележуваат хрнологијата, мора да повториме: На протестите на АМАН, за прв пат народот бараше СОЦИЈАЛНА ПРАВДА и на протестите на АМАН во Скопје за прв пат почна да се скандира ОТПОР!“, стои во повикот на Граѓанската инцијатива.