Еден од четири градови не може да си дозволи мерки против климатската криза

Анкета во која учествувале 800 градови покажува дека скоро 43 отсто од градовите немаат планови за адаптација од влијанието на глобалното затоплување, пренесува „Гардијан“.

Еден од четири градови ширум светот нема пари за да се заштити од климатската криза, иако скоро 90 отсто од градовите се под ризик, се вели во истражувањето.

Градовите се соочуваат со поплави, затоплување, недостаток на вода, како и оштетување на инфраструктурата од екстремните температури, кои сѐ повеќе се зголемуваат со промената на климата.

Анкетата во која учествувале 800 градови, а била спроведена од „Carbon Disclosure Project“ вели дека 43 отсто од градовите, територија на која живеат вкупно 400 милиони луѓе, немаат план за адаптирање од климатската криза.

Буџетските кратења се посочени како главна причина кај 25 отсто од градовите. Голем дел од нив зависат од националните влади кога станува збор за фондовите потребни за заштита на инфраструктурата, но и на граѓаните.

Според анкетата, минатата година 422 градови имале над 1.142 проекти за адаптирање на климатската криза кои чекале да бидат финансирани. За завршување на проектите биле потребни 72 милијарди американски долари. Проектите за менаџирање со водните ресурси што допрва треба да се финансираат се проценети на околу 22.6 милијарди американски долари.

„Адаптацијата на влијанијата од климатската криза е потешка отколку финансирањето за намалувањето на емисиите од штетни гасови. Има огромни бенефити од адаптацијата и отпорот, но тие не функционираат буџетски. Само мал дел од економските олеснувања за пандемијата се насочени кон мерки против климатската итност, а уште помалку кон адаптацијата“, изјавила Кира Еплби, глобалната директорка на „ЦДП“.

Инсталирање на обновлива енергија, како соларни панели, може да генерира финансиски повраток, додека пак проектите за енергетска ефикасност многу брзо заштедуваат пари, но бенефитите од адаптацијата кон влијанијата од екстремните температури не се толку очигледни.

Намалувањето на ризикот од катастрофи и уништување поради екстремните температури, што можат да доведат до поплави и суши, адаптирањето и зголемување на отпорот кон климатската криза дава многу бенефити за јавноста, како почист воздух и почиста вода. На пример, зголемувањето на јавните зелени површини, како паркови и други јавни површини е една од клучните мерки за тоа како градовите може да се адаптираат, да го подобрат јавното здравје и менталната состојба на граѓаните.

Местата што ги посочуваат буџетските кратења како пречки за адаптирањето кон климатската итност се Саутхенд во Англија, Рио де Жанеиро во Бразил и Колумбија во САД.

„Овој проблем го имаат различни градови ширум светот“, посочува Еплби, која додава дека искуството од пандемијата од КОВИД-19, каде градовите беа празни поради полициските часови, ги направи граѓаните посвесни за нивната кревкост од шокови.

„Тоа ги отвори очите на многу луѓе, особено за големата поврзаност на планетата. Но, потребна е поддршка и од националните влади, а на градовите им се потребни финансии за да станат поиздржливи и подолготрајни“, додала Еплби.

Бизнисите можат да бидат уште едно место – извор на финансии при проектите за адаптација. Три четвртини од градовите кои одговориле на анкетата на „ЦДП“ веќе соработувале со бизниси за проблемите околу одржливоста, или планираат да го сторат тоа во наредните две години.

Спред Еплби, дел од градовите добро се адаптираат кон климатската криза, односно Лондон, Бристол, Лос Анџелес и Атина. Главниот град на Грција поставува зелени кровови засадува повеќе дрвја за да ги излади вжештените улици, додека Бристол гради брани долги 17 километри за да се заштити од поплави.