МОН: Парталавите учебници полни со грешки и дискриминација стануваат минато

Министерството за образование и наука (МОН) напоменува дека од следната учебна година започнува етапната замена на материјалите за учење од кои се едуцираат македонските ученици. Оттаму додаваат дека по усвојувањето на новата Концепција за основно образование и изработката на новите наставни програми, се воведува и современа дидактика со која значително ќе се подобри квалитетот на воспитно – образовниот процес и наставата.

„Реакциите на јавноста дека во училиштата се применуваат парталави учебници кои имаат застарена и несоодветна содржина, многу технички и граматички грешки, нелогичности и дискриминација, стануваат минато“, потенцираат од Министерството во соопштение до јавноста.

„На предлог на Министерството за образование и наука, Владата на Република Северна Македонија усвои целосно нов Закон за учебници и други наставни и дидактички материјали со кој се менува начинот на изработка и одобрување на материјалите за учење, се елиминираат грешките од сите аспекти, а воедно фокусот е ставен и на дигитализацијата, односно на обезбедување на други форми на достапност, покрај хартиената верзија на учебниците“, додаваат од МОН.

Од Министерството посочуваат дека новиот Закон е дел од планот за темелна реформа на националниот образовен систем, кој е изготвен врз база на целосно нов Концепт за наставни и дидактички материјали, во кој се содржани најдобрите искуства и практики од неколку европски земји кои го имаат надминато системот на класична употреба на учебник.

„Отсега, учебници ќе се пишуваат на јазик кој е разбирлив и соодветен на возраста на учениците. За да нема грешки во содржината, како и за додавање на теми кои недостасувале досега, а се поврзани со родовата еднаквост, мултикултурализмот, почитувањето на различностите и слично, се поставуваат повеќе филтри во текот на целиот процес на изработка на учебниците кој ќе се спроведува транспарентно и без можности за склучување на ексклузивни договори со одредени издавачи куќи или автори. Дигитализацијата на учебниците дозволува тие да се ревидираат секоја година пред почетокот на учебната година, за да нема застарени податоци и содржини кои не соодветствуваат на реалноста. Ова е клучна промена и придобивка со кој се обезбедуваат современи дидактички средства кои се прилагодуваат на брзите општествени промени и трендови“, посочуваат од Министерството.

Од МОН посочуваат и дека Законот предвидува за секој наставен предмет, наместо само еден, да се применуваат најмногу до три учебници. Учебници во хартиена форма ќе добиваат учениците од прво до трето одделение, додека за учениците од четврто и погорните одделенија, приоритетност ќе се даде на учебниците и дидактичкиот материјал во дигитална форма дополнети со мултимедиални содржини –  филмови, анимации, видео прикази, галерија на слики и задачи. За учениците со оштетен вид, напоменуваат, ќе се изработуваат и учебници на Брајово писмо.