[Видео] Даница Павловска за висококатниците кај „Холидеј ин“: Тоа е злоупотреба на власта и вулгарен профит

Поранешната претседателка на Асоцијацијата на архитекти, Даница Павловска – Циги, во видео-изјава за Само прашај за висококатните деловно-станбени објекти на 83.000 квадрати на парцелата спроти „Холидеј Ин“, смета дека станува збор за бизнис-проект чијашто единствена цел е максимален профит на сметка на јавниот интерес.

Според неа, ова потсетува на некои поранешни времиња кога плановите се спроведуваа без јавни расправи. Таа смета дека овој простор треба да биде јавен, отворен и озеленет.

„Моментот е ургентен, крајно ургентен затоа што очигледно се работи за еден бизнис-проект со вулгарен профит за којшто се слага и државниот врв и градската управа, па може да се сомневаме и во локалната самоуправа во општина Центар, која денес очекувам да го прати барањето за суспензија на важечкиот план од 2012 година, декадентен, надминат, некоординиран со ГУП и таа суспензија да биде одобрена. Тоа е она што, како што викаат, според закон може да се спроведе и може да помогне во моментов“, вели Павловска – Циги.

Смета дека „се работи за злоупотреба на власта, се работи како што споменав за вулгарен профит, се работи за инволвирање на МПЦ како духовен водач, нешто што е и перверзно и необјасниво за субјект што спроведува такви интереси на сметка на јавниот интерес“.

„Се работи за простор којшто треба да биде за сите граѓани, а само затоа што е во сопственост на Црквата ќе добие некоја друга вредност материјална, а ќе направи огромна штета и се работи да кажеме за една злоупотреба на Ковид периодот. Таквото нешто е непростливо, тоа ќе остане во нашата меморија, меѓутоа ќе остане и како трага на ова време, на овој период и на овој режим. Јас морам да го наречам така, затоа што препознавам манири од претходниот режим“, вели Павловска-Циги.