ССНМ: Полицијата да не ја попречува работата на новинарите

Самостојниот синдикат на новинари на Македонија (ССНМ) остро го осудува вчерашниот однос на полициски службеник во Велес врз новинарка на порталот дума.мк за време на извршување на нејзините професионални обврски и бара од Министерството за внатрешни работи (МВР) да го расветли случајот.

Новинарката Стефани Манева во неделата попладне (4 април), како што стои во реакцијата на порталот, излегла на терен за да ја покрие железничката несреќа кај мостот „Гемиџии“ во Велес во која товарен воз прегази човек.

„Во еден момент и пришол униформиран полициски службеник од СВР Велес додека Манева собирала информации за немилиот настан, ѝ го одзел мобилниот телефон и ги избришал двете фотографии што ги направила за илустрација на веста“, реагираат од ССНМ.

ССНМ смета дека ваквото однесување на полициски службеници е недозволиво, посебно поради тоа што новинарката јасно се лигитимирала и кажала дека е на работна задача.

„Затоа, бараме остра и ефективна реакција од надлежните кон полицискиот службеник кој ја оневозможил новинарката на дума.мк да ја извршува својата работна задача. Воедно, ССНМ силно протестира против ваквите инциденти, бидејќи спречување на работата на новинарите и медиумските работници е напад и врз слободата на изразување и правото на информирање на граѓаните“, се вели во реакцијата.

Инаку, од дума.мк претходно информираа дека нивната редакција веднаш се обратиле до МВР, од кое побарале објаснување за случката во Велес. Од МВР, пак, како што се вели во објавата, им вратиле дека случајот ќе биде испитан и доколку се утврди несоодветно постапување на полицискиот службеник, ќе биде содветно санкциониран, а редакцијата ќе биде информирана.