За шест месеци повеќе од 10 милиони раселени лица поради природни катастрофи

Во последните шест месеци, околу 10.3 милиони луѓе се раселени поради настани поврзани со климатските промени, како поплави и суши, претежно во Азија, соопшти Меѓународната организација на Црвениот крст и Црвената полумесечина (ИФРЦ), додека 2.3 милиони луѓе во истиот период се раселени поради конфликти, пренесува „Н1“.

Координаторката на ИФРЦ за азиско-пацифичка миграција и раселување, Хелен Брант изјави дека, иако податоците опфаќаат само шестмесечен период од септември 2020 година до февруари 2021 година, тие укажуваат на зголемен глобален тренд на раселување поради климатските промени.

„Ситуацијата се влошува бидејќи климатските промени влијаат и на постојните фактори како сиромаштијата, конфликтите и политичката нестабилност“, рече таа.

Според податоците на ИФРЦ, околу 60 отсто од внатрешно раселените лица во последните шест месеци се од Азија.

Статистичките податоци на Центарот за следење на внатрешното раселување (ИДМЦ) покажуваат дека во просек 22.7 милиони луѓе се раселуваат секоја година. Тука влегуваат и раселувањата предизвикани од геофизички феномени како што се земјотресите и вулканските ерупции, но голем дел од раселените се поради настани предизвикани од временски непогоди.

Се очекува дека до 2050 година повеќе од една милијарда луѓе ќе се соочат со присилна миграција поради конфликти и еколошки фактори, се наведува во минатогодишниот извештај на Институтот за економија и мир.