Во периодот од 1 до 7 март годинава, регистрирани се 4.463 нови позитивни случаи на Ковид-19 од 35 градови во земјава, односно зголемување од 23% во однос на минатата недела, стои во новиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), информираше Министерството за здравство (МЗ).
Истовремено, тестирани се вкупно 21.090 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со зголемување од 4.6% во однос на минатата недела.
„Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, 2.160 случаи или 48.3%, со неделна инциденца – 349.7/100.000. Највисока неделна инциденца од 847.9/100.000 е регистрирана во Неготино, заедно со Демир Капија. Процентот на позитивност во споменатиот период се движи од 13.2 до 26.7%, или во просек 20.9%, 3 отсто повеќе во споредба со минатата недела“, стои во извештајот на ИЈЗ.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи, додека најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 со 1.026 случаи или 23 отсто. Голем број на заболени, како што се посочува во извештајот, се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 30-39, 895 случаи или 20.1%, групата од 40-49, 803 или 17.8%, од 50-59, 778 или 17.4% и од 20-29, 626 случаи или 14 отсто. Најмал број е регистриран кај децата од 0-9, 104 случаи или 2.3% и од 10-19 години, 231 случај или 5.2 отсто.
„По добиени 2 негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, со статус ‘оздравени’ се стекнале 3.895 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, зголемен за 2.2 пати во споредба со минатата недела“, се додава во извештајот.
Од ИЈЗ информираат дека во периодот се пријавени 57 смртни случаи од 16 градови, односно 17.4% помалку во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 50 лицa биле над 60 години, 5 лица на возраст од 50-59 години и по едно лице од возрасните групи 30-39 и 40-49 години.
Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата со Ковид-19 за периодот од 1 до 7 март 2021 година, како и кумулативната состојба со Ковид-19 во Република Северна Македонија се објавува на веб страницата на Институтот за јавно здравје.