Рекламите за добитникот на Златен глобус „Номадленд“ цензурирани во Кина

Кинеската премиера на филмот „Номадленд“, кој освои Златни глобуси за најдобар филм и режија, е доведен во прашање откако во јавноста излегоа критики кон Кина од режисерката во интервју од 2013 година.

Промотивните материјали за филмот на Клои Жао, која е родена во Пекинг но живее во САД, се избришани од интернетот во Кина неколку дена откако режисерката беше прославена од кинеските медиуми поради тоа што стана првата жена од Азија која добила Златен глобус за најдобра режија. Државните кинески медиуми во своите наслови ја нарекуваа „гордоста на Кина“, а филмот требаше да почне да се прикажува во земјата од 23 април.

Сепак во петокот овие промотивни материјали почнале да исчезнуваат од медиумите и социјалните мрежи, а рекламите за премиерата на филмот биле отстранети од најголемите филмски интернет страници. Кинеската национална алијанса за кинематографија, која го одобри прикажувањето на „Номадленд“ досега не одговорила на прашањата дали ќе има некоја промена во дозволата за прикажување.

На кинеската социјална мрежа Веибо, хаштагот поврзан со филмот има регистрирано повеќе од 87 милиони прегледи и 40.000 реобјавувања, но содржините исчезнале и биле заменети со порака дека се отстранети во „согласност со законите, правилата и политичките насоки“.

Нема потврда дали филмот ќе има премиера во Кина, или пак ќе биде откажан, а Варајати пренесе дека кинеските власти се надеваат дека филмот ќе може да се прикаже но со значително намален публицитет.

Овие обиди за цензура најверојатно се поврзани со коментарите кои Жао ги има дадено во 2013 година во интервју за списанието „Филммејкер“во кое таа објаснува дека кога била тинејџер Кина била „место каде имало лаги насекаде“.

Овој коментар минатата недела повторно се појави на кинеските социјални медиуми, а дел од корисниците ја обвинија режисерката за „оцрнување на Кина“ и почнаа да повикуваат на бојкот на нејзиниот филм.