Утре се одржува Марш за женски права под слоганот „Држава што не постапува е држава што силува“

На 8 март (утре, понеделник), по повод Меѓународниот ден на жената, со почеток во 15 часот, од пред Министерство за внатрешни работи ќе започне петтиот Марш за женски права.

„На овој протестен марш под слоганот: ‘Држава што не постапува е држава што силува’, заеднички ќе упатиме порака дека не можеме да бидеме слободни, кога сè уште се бориме за нашите работнички права, достоинство и почит, и живееме под закана од насилство и системска дискриминација“, велат Платформата за родова еднаквост, кои заедно со активистки за женски права го организираат осмомартовскиот марш.

Од таму велат дека маршираат бидејќи држава што не постапува е држава што силува. Маршираат за поддршка на сите жртви на криминалната група „Јавна соба“ и сите жртви на родово засновано насилство. Исто така, за ги потсетат институциите, МВР и Јавното обвинителство, дека нема да застанат додека не ги исполнат нивните барања.

„Јавното обвинителство неодложно и темелно да го расчисти случајот „Јавна соба“, кој претставува кривично дело во кое огромен број жени се жртви на родово засновано насилство. Кривичен прогон на администраторите на групите, како и сите членови кои праќале и сѐ уште праќаат фотографии и објавуваат лични податоци на девојки и жени. Сексуалното вознемирување преку интернет посебно да се регулира и во Кривичниот законик. Професионално постапување, помош и поддршка на жртвите на родово засновано насилство од страна на сите надлежни институции“, се барањата на Платформата.

Тие потенцираат дека овој случај е шанса за институциите да покажат дека се залагаат за женските права и во пракса, а не само декларативно.

„Маршот за правата на жените ќе се одвива според однапред определена рута, тргнувајќи од пред МВР, каде по нашето обраќање, ќе продолжиме до Паркот Жена Борец, каде ќе го завршиме маршот со обраќање до јавноста и институциите“, велат од Платформата, која е независна и неформална мрежа на македонски граѓански организации за женски права составена од 24 организации и мрежи кои здружено делуваат во насока на унапредување на родовата еднаквост.

„Од Маршот ќе ги почитува протоколите за безбедност. Ќе носиме маски и држиме дистанца, а адекватен број на редари ќе се погрижат тоа да биде така од почеток до крај на маршот“, додаваат од Платформата.

Претходно, Платформата упати барање и апел до работодавачите да ги ослободат работничките од обврски на 8 март од 14 до 17 часот, со цел да присуствуваат на овогодинешниот марш.

„Бидејќи родово заснованото насилство е проблем кој го засега целото општество, па оттука истото е одговорност на сите чинители, работодавачите треба да го поддржат овој марш со тоа што ќе овозможат жените да присуствуваат. На ваков начин работодавачите ќе се претстават како општетсвено одговорни чинители кои застануваат на страна на жените жртви на насилство“, рекоа од Платформата за родова еднаквост.