Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) отвори нова телефонска линија и мејл адреса на која работниците ќе можат да го пријавуваат прекршувањето на нивните работнички права.
Оваа нова услуга, преку која ќе се централизира работата, е дел од кампањата на ССМ за поедноставен пристап до бесплатна правна заштита на работниците. Од Сојузот посочуваат дека работниците своите пријави, жалби и барања ќе можат да ги доставуваат на телефонскиот број 070 818 878 како и на мејл адресата: prijavi@ssm.org.mk по што велат дека нивните служби во најкраток рок ќе постапуваат по истите.
„Покрај директната правна помош и заштита на правата на своето членство, ССМ со своите активности реализирани во овој период на кризата, докажа дека како репрезентативен синдикат во државата се грижи и презема одговорност за остварување на правата на сите работници. Синдикалното членство во ССМ, најдиректно и најнепосредно обезбедува заштита на своите права од работен однос, пред се, преку активностите на Секторот за работни односи, правна заштита и колективно договарање при ССМ и соодветните синдикати каде работниците членуваат“, додаваат од ССМ.
Од Сојузот додаваат и дека активностите за заштита на работничките права ги преземаат овластените правни застапници и синдикалните претставници во 10-те регионални синдикални претставништва, како и во синдикалните канцеларии низ земјата.