ДИЖС: РЕК Битола работи без оперативна дозвола, надминати емисиите на прашина и сулфурен диоксид на двата оџаци

РЕК Битола се’ уште нема добиено дозвола за усогласување со оперативен план, а рокот за нејзино издавање е истечен во 2019 година, заклучи Државниот инспекторат за животна средина. Надзорот бил извршен на 23-ти февруари, да утврдување на состојбите во однос на заштитата на животната средина во термоцентралата.

„Инспекторатот со соочува со потребата надзорот да се врши согласно одделните закони, наместо да го следи спроведувањето на одредбите од дозволата на интегриран начин. Со Законот за животна средина што е во собраниска процедура се продолжува рокот, што ќе овозможи Нацрт А дозволата за усогласување со оперативен план, која е во финална фаза, да биде веднаш издадена“, велат оттаму.

Со увид во извештаите од мерењата на концентрации на загадувачки материи во амбиентниот воздух што се вршат на три станици (во селата Дедебалци, Гнеотино и Рибарци), се утврдило дека не се регистрирани отстапувања од дозволените концентрации за ПМ 10 и ПМ 2,5, сулфур диоксид и азот диоксид во последните 6 месеци.

„Меѓутоа, емисиите на прашина и сулфурен диоксид што се мерат на двата оџаци ги надминуваат граничните вредности, а надминати се и максималните вкупни емисии што се утврдени со Националниот план за намалување на емисиите кој произлегува од Договорот со Енергетската заедница. Наместо во 2018 година да се постигнат 15,855 тони сулфур диоксид, реалните емисии биле 53,855 тони, или надминувањето на максималната утврдена вредност (“плафон”) изнесувало 3.40 пати. Во 2019 година лимитот од 15,855 тони сулфур диоксид е надминат 6.81 пати, а емисиите изнесувале 108,033 тони. Во 2018 година лимитот на емисии на прашина од 1,738 тони е надминат 2.06 пати, а во 2019 година а во 2019 година истиот е надминат 2.17 пати. Заради непочитувањето на Договорот со Енергетската заедница земјата најверојатно годинава ќе плаќа казни, наместо навреме да ги направи потребните инвестиции“, посочуваат инспекторите.

Додаваат дека за намалување на емисиите на сулфур диоксид (преку десулфуризација или друга соодветна метода), потребни се околу 180 милиони евра што не се обезбедени, ниту е познат изворот на финансирање. Сулфур диоксидот е гас што може да реагира со влажноста во воздухот формирајќи сулфурна киселина. Високите концентрации на оваа загадувачка супстанција, во вид на кисели дождови, предизвикуваат закиселување на почвата и водите, намалување на биодиверзитетот и загрозување на здравјето на населението, и тоа на огромна оддалеченост од изворот на емисиите. Вкупните емисии на сулфур диоксид делумно ќе се намалат со планираната гасификација на првиот блок, но доколку другите два блока продолжат да користат јаглен и мазут како гориво, неопходно е итно да се започне со инвестирање во десулфуризација и изведба на систем за континуиран мониторинг на емисиите.

Други поважни мерки се намалувањето на фугитивните емисии од депонијата на јаглен и рекултивацијата на коповите во рудникот за јаглен, како и подобрувањето на пречистувањето на отпадните води. За намалување на емисиите на прашина во тек е спроведување на јавна набавка за реконструкција на филтрите. По изведувањето на предвидените работи, вредностите на емитираната прашина треба да се спуштат под 50 mg/m3 , при што треба да се воспостави и заштитен зелен појас со садење тополи и багреми.

По извршениот надзор РЕК Битола, Инспекторатот ги задолжил континуирано да ја контролираат прашината што се јавува од депонијата за пепел од филтрите, како и соодветно да го складираат и обележуваат опасниот отпад како и да ја завршат изведбата на платото за складирање искористена амбажажа од отпадни масла

Откако РЕК Битола ќе ја добие дозволата за усогласување со оперативен план, инспекторите најавуваат дека ќе обезбедат навремено спроведување на утврдените мерки за намалување на загадувањето.