Петнаесет годишна затворска казна за еден од обвинетите за убиството на новинарката Дафне Каруана Галиција

Винсент Мускат е осуден на 15 годишна затворска казна откако призна вина за убиството на истражувачката новинарка од Малта, Дафне Каруана Галиција кое се случи на 16 октомври, 2017 година откако беше поставена бомба под нејзиниот автомобил, јавува „Евроњуз“.

Мускат е еден од тројцата обвинети за поставување на бомбата кои првично се изјаснија за невини. Се наведува дека тој можеби направил спогодба за вина со јавниот обвинител.

Каруана Галиција известуваше за наводна корупција во највисоките нивоа на власт во малата медитеранска островска држава. Истражувачката новинарка се борела против десетици тужби за клевета и била уапсена двапати пред нејзината смрт. Нејзиното убиство и закочената судска истрага ги доведе во прашање слободата на печатот и владеењето на правото на Малта.

Со години истрагата за случајот беше во застој, но во 2019 година неколку министри од тогашната влада, вклучително и премиерот Џозеф Мускат, поднесоа оставки по прашањата кои беа поставени во однос на нивната поврзаност со лицата вклучени во убиството.

Најзначајно е тоа што истакнатиот бизнисмен Јорген Фенех беше уапсен во 2019 година, откако се обидел да избега со јахта. Тој е осомничен дека го испланирал убиството на новинарката.