[Видео] Започна со работа општинскиот младински центар „Матично“ во Општина Центар

На локацијата на поранешната служба за матични работи, денеска Општина Центар го отвори првиот општински младински центар во земјава, кој симболично ќе се вика „Матично“, како матична локација на младите, каде ќе може да се дружат, забавуваат, дебатираат, едуцираат и да посетуваат различни настани и содржини, информираат од Општина Центар

Идејата за создавањето на вакво младински катче, како што велат од општината, произлегла на форумите кои ги организирала општината и која го прифатила концептот за младински центар, кој бил предложен од група млади од Првиот скопски извиднички одред.

„Просторот нуди одлични услови за реализирање младински програми од секаков вид. Имаме на располагање три големи простории и дворно место, кои ќе бидат достапни за сите младински организации од Центар. Планирани се различни едукативни, културни и забавни активност. Кога ќе заврши состојбата со корона вирусот, ќе организираме настапи на млади музичари, ликовни колонии, изложби на млади уметници, како и филмски проекции“, вели координаторката на младинската програма на Првиот скопски извиднички одред Снежана Јанковиќ.

Младинскиот центар располага со голема конференциска сала, која ќе се користи за одржување едукативни, културни и забавни настани, велат од општината, кои додаваат дека центарот ќе има и читална, како и соба за релаксација која ќе биде опремена со „lazy bags“, маса за фудбалче, пикадо, пинг – понг маса и други забавни содржини.

Дворниот простор пак, како што најавуваат ќе биде хортикултурно уреден, каде ќе биде поставена и урбана опрема. Истовремено пак, тие велат дека просторот е конципиран согласно европските стандарди и дека тој ќе биде целосно инклузивен и ќе овозможува пристап за лицата со посебни потреби.

„Горд сум што Центар е прва општина во државата со свој младински центар и што први ја исполнивме оваа обврска предвидена во Законот за младинско учество и младински политики. Ова е особено драг проект за сите нас, бидејќи сметам дека успеавме да создадеме автентичен простор кој на младите ќе им понуди одлични услови за дружење, едукација и забава. Матично останува симбол на градот, но еден нов, модерен и прогресивен симбол“, изјави градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.

Од општината најавуваат дека ќе распишат јавен повик за користење на центарот, на кој ќе може да се пријават сите младински организации на ниво на општината.