Европската вселенска агенција бара жени и лица со попреченост за астронаути

Директорите на Европската вселенска агенција започнаа регрутирање на нови астронаути со посебено охрабрување за жени и лица со попреченост кои би се вклучиле на мисиите до Месечината, а подоцна и на Марс.

Ова е прв оглас за нови астронаути во последните 11 години на Агенцијата, а оттаму велат дека сакаат да ја зголемат разноликоста на нивните екипажи при изборот на нови 26 астронаути.

Тие, сепак, предупредуваат дека се очекува огромен број апликации кои би пристигнале во осмонеделниот период на регрутирање кој ќе започне на 31 март, а кандидатите ќе мораат да поминат напорен процес на селекција кој ќе трае до октомври 2022 година.

„Кандидатите мора да бидат ментално подготвени за процесот“, рекла Луси Ван Дер Тас, директорката за вработување на Агенцијата.

Прифаќањето на технологии, кои им овозможуваат на луѓето да престојуваат во вселената, е можност и за луѓето со попреченост.

„Кога станува збор за патување во вселената, сите ние имаме попреченост“, вели италијанската астронаутка, Саманта Кристофорети.

Минималните квалификации за пријавување на огласот за астронаути се завршени магистерски студии во областа на природните науки, инженерство, математика или компјутерски науки, како и три години на искуство по завршување на образованието.

Оваа потрага по нови астронаути доаѓа во период кога вселенските мисии доживуваат вистинска ренесанса. По бројни години во кои единствена локација за лансирање вселенски летови беше Бајконур во Казахстан, соработката и приватните компании како „Спејс Икс“ ги подигнаа очекувањата за далеку повеќе човечки мисии во вселената.