Во периодот од 8 до 14 февруари, според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), регистрирани се 2.232 нови случаи на Ковид-19 од 33 градови во државата, што претставува зголемување од 5.3% во однос на минатата недела.
Најголем дел од регистрираните слуачи се од Скопје, 953 случаи или 42.7%, со неделна инциденца од 154.3 случаи на 100.000 луѓе, додека највисока неделна инциденца од 425.2 случаи на 100.000 луѓе е регистриран во Кавадарци, стои во извештајот на ИЈЗ, соопштува Министерството за здравство (МЗ).
Тестирани се вкупно 16.299 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со зголемување од 13.2%, во однос на минатата недела, се додава во извештајот на ИЈЗ.
„Процентот на позитивност се движи од 6.8 до 16.6%, просечно 12.9%. Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години, 583 случаи или 26.1%. Голем број заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 30 до 39, 416 или 18.6, од 40 до 49, 408 случаи или 18.3%, од 50 до 59, 379 или 17.0% и од 20 до 29 години 276 случаи, односно, 12.4%. Најмал број е регистриран кај децата од 0 до 9, 53 или 2.4% и од 10 до 19 години 117 случаи, односно 5.2 отсто“, стои во извештајот на ИЈЗ.
Таму се додава дека по добиени два негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, со статус „оздравени“ се стекнале 2.519 лица, кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, односно, 24.2% помалку во споредба со минатата недела.
„Пријавени се 43 смртни случаи од 14 градови, со намалување од 34.8%, во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 38 лицa биле над 60 години, 4 лица на возраст од 50 до 59 години и едно лице на возраст од 40 до 49 години“, се вели во извештајот.
Согласно анализите од МАНУ, во последниот период, од ИЈЗ велат дека се детектирани поголем број нови варијанти, кои претходно не биле присутни кај пациентите во нашата држава, што, како што велат, може да укажува на внес на нови случаи на Ковид-19 од странство.
Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата со КОВИД-19 за периодот од 8 до 14 февруари, 2021 година, како и кумулативната состојба во Република Северна Македонија се објавува на веб страницата на Институтот за јавно здравје.