Намалување на сиромаштијата и социјалната нееднаквост повторно се поставија како прашања за граѓаните на Европската Унија кои сметаат дека треба да бидат политички приоритет по пандемијата со Ковид-19, покажа ново истражување на јавното мислење спроведено за потребите на Европскиот парламент, пренесува „Данас“.
Речиси половината од анкетираните лица, или 45 отсто од нив, изјавија дека борбата против сиромаштијата треба да биде на врвот на агендата на парламентот на ЕУ, што е за 17% повеќе од слично истражување кое беше спроведено една година претходно.
Годишното истражување на евробарометарот беше спроведено за ЕП од консултантската агенција „Кантар“ во ноември и декември 2020 година и го одразува влијанието што го имаше пандемијата со коронавирусот врз јавното мислење во ЕУ, објави бриселскиот портал „Еурактив“.
И Светската банка претходно во повеќе наврати оцени дека пандемијата директно ќе влијае на растот на сиромаштијата во светот и дека во текот на 2020 година, поради економското забавување и ограничената мобилност, меѓу 88 и 115 милиони луѓе ширум светот би можеле да бидат турнати во екстремна сиромаштија.
Анкетата која ја спроведе ЕП, исто така, покажа дека борбата против тероризмот и организираниот криминал е исто така меѓу приоритетите на граѓаните, со 35 отсто, но таа покажа и дека 33 отсто од испитаниците сакаат да се овозможи полесен пристап до квалитетно образование.
За заштита на животната средина и биодиверзитетот како главна задача се изјаснија речиси ист процент на граѓани, како и во истражувањето од 2019 година, 32 отсто од нив, но тогаш екологијата со сличен процент беше на врвот на листата со приоритети на учесниците на анкетата.
Според авторите на студијата, ваквата промена на приоритетите меѓу граѓаните е директна последица од пандемијата.