Веб-страницата „vakcinacija.mk“ на која може да се изрази заинтересираност за вакцинација против Ковид-19 предмалку профункционира и сега е достапна за граѓаните.
Таму е потребно да се внесат лични податоци како име и презиме, матичен број, телефонски број, мејл адреса, како и да се избере пункт за вакцинација.
„Вакцинирањето е доброволно и се спроведува согласно стратегијата за вакцинација на Република Северна Македонија. Со пополнување на формата се регистрирате за вакцинација директно во системот Мој Термин. Нема потреба дополнително да го барате или информирате дека сте се регистрирале. Согласно распоредот предвиден во планот за вакцинација, вашиот матичен лекар ќе ве повика и ќе ве информира за точниот датум и час кога треба да се вакцинирате на пунктот кој ќе го изберете при регистрацијата“, стои на веб-страницата.

Во меѓувреме, другиот сајт кој е наменет за истата работа „kovid19vakcinacija.mk“ се уште не е достапен.
Освен по електронски пат со регистрација на овие интернет-страници, пријавувањето ќе се врши и преку матичните лекари преку системот „Мој Термин“. Засега нема опцоија да се избере која вакцина може да ја прими одреден граѓанин, бидејќи на почетокот имунизацијата ќе се спроведува само со вакцината од компанијата „Синофарм“.
Досега се пријавени 4.000 здравствени работници за вакцинација, од кои околу 2.000 во Скопје, а останатите се во другите градови.
Од денеска треба да бидат достапни сајтовите за закажување за вакцинација за Ковид-19