Полицијата во Мјанмар употреби гумени куршуми за време на протестот во главниот град Непјидо, откако илјадници луѓе излегоа на улиците и покрај забраната за собири.
Безбедносните сили исто така употребиле и водени топови и солзавец против демонстрантите, една жена завршила во болница и е во критична состојба со рана на главата. Сè уште се непотврдени некои информации дека кон граѓаните било пукано и од огнено оружје, пренесе Би-Би-Си.
Демонстрантите веќе четврти ден последователно демонстрираат револтирани од воениот удар кој се случи во земјата, во кој војската ја презеде власта од демократски избраните претставници минатата недела.
Протестите се случуваа и покрај тоа што во некои од градовите беше воспоставена забрана за големи собирања и полициски часови во текот на ноќта, а воениот лидер Мин Аунг Хлаинг предупреди дека „никој не е над правото“.
Граѓаните бараат ослободување на премиерката Анг Сан Су Кји, која беше уапсена за време на пучот, заедно со високите функционери од владејачката партија, Националната лига за демократија.
Армијата прогласи едногодишна вонредна состојба и тврди, без докази, дека претходните избори биле нерегуларни.