На денешната прес-конференција, Министерот за здравство Венко Филипче истакна дека во текот на вчерашниот ден, Владата на затворена седница го усвоила договорот за набавка на вакцини од Кина, а задолжено е Министерството за здравство. Според Филипче, договорот ќе биде потпишан во понеделник.
„Интензивно работиме и на обезбедување на соодветен начин на транспорт. Тоа значи дека станува збор за 200.000 вакцини, а овие количини се поголеми од оние кои ги планиравме преку првичните договори со „Ковакс“ системот. Во изминатите денови го адаптиравме националниот план за имунизација“, соопшти министерот.
Филипче нагласи дека националниот оперативен план за вакцинација е изработен од Националната техничка работна група за ковид-19 во Министерството за здравство. Вакцинацијата ќе се спроведува преку веќепостоечката здравствена мрежа и вакцинални пунктови.
„Направен е деталн план за транспорт од аеродромот до сите места каде вакцините ќе се складираат, понатаму план за дистрибуција до националните пунктови, како и начинот за спроведувањето на вакцинацијата. Во текот на вчерашниот ден се потврди капацитетот на ладните соби за чување со цел да бидеме сигурни дека може да се прими и складира целата количина на вакцини. Оваа количина се чува и складира на температура од 2 до 8 степени, што значи дека сите дрогерии, компании и здравствени домови кои ќе бидат задолжени за складирање и транспорт на вакцините имаат капацитет и возила за чување и транспорт на овие вакцини“, истакна министерот.
Се очекува на пуктовите да се вакцинираат 2000 до 2500 граѓани, а вакцината е во форма на претходно наполнет инекциски шприц со што олеснета е апликацијата.
„За секој граѓанин што ќе ја прими првата доза веднаш ќе биде резервирана втората доза што треба да се прими после 21 ден, што значи дека со оваа пратка на вакцини имаме вакцини за 100.000 лица. Записот за спроведената вакцинација станува дел и од електронското здравствено досие на пациентот, по примерот на некои други земји вакцинираните граѓани ќе добијат соодветен сертификат за примената вакцина“, информираше министерот.
Согласно планот, прва категорија за вакцинирање се лицата од најризичната група која е поделена на две подгрупи во кои спаѓаат здравствените работници кои работат директно во ковид центри со ковид пациенти, додека во втората подгрупа се сите граѓани над 70 години.
„Во втората фаза се вакцинираат лицата постари од 65 години, понатаму лица од 18 до 64 години со коморбитети и здравствени состојби, понатаму здравствени работници од институтите, центрите за јавно здравје, понатаму фармацевти, стоматолози и друг здравствен персонал, вработени во други витални институции како Собрание и Владата, потоа новинари, вработените во образовните институции и градинки и во третата фаза се наоѓаат преостанатите лица од повеќе групи и дејности како прехрана, транспорт, производство на лекови и комунална хигиена, банкарски слубеници, сектор земјоделие и на крајот сите граѓани кои сакаат да примат вакцина на возраст од 18 до 63 години“, истакна министерот.
Начинот за регистририрање за вакцинација ќе се врши преку системот „Мој термин“, кој што ги анализира податоците во однос на возраста и евентуално присуство на хронични болести.
Матичните лекари ќе имаат обврска да ги искомуницираат граѓаните за можноста за вакцинирање, а потоа да утврдат каде се наоѓа најблискиот пункт за вакцинација при што повратните информации ќе треба да ги внесат во системот „Мој термин“.
Системот „Мој термин“ ќе направи распоред согласно со степенот на ризик, а откако ќе бидат отворени термините, списоците ќе се вратат кај матичните лекари кои по втор пат ќе треба да ги известат пациентите за точното време и место за вакцинација.
„Од следната недела ќе биде достапен и сајтот за пријавување за вакцинација. На тој сајт податоците се прибираат од системот „Мој термин“ кои што ги анализира податоците оставени на сајтот како возраста и присуството на хронични болести и по приотеризацијата, се известуваат матичните лекари да ги комуницираат граѓаните за да се утврди точниот термин и место на вакцинација. Термините за вакцинација ќе бидат на 10 минути, а пунктовите ќе работат во две смени за да се постигне што повисока стапка на вакцинација“, истакна министерот Венко Филипче.
Што се однесува до останатите вакцини, министерот информираше дека и понатаму продолжува процесот со договори и се очекува фидбек од компанијата „Фајзер“ за најавената количина од Србија и дополнителниот драфт договор.
„Согласно пристигнувањето на тие количини на вакцини во нашата земја и преку „Ковакс“ системот, ќе се прави план за натамошна набавка на вакцини. Целта е кога вакцинацијата ќе започне таа да не запре и да се обезбеди континуитет“, истакна министерот.
Тој дополни дека кинеската вакцина е класична вакцина добиена со технологија на ослабнување и реактивирање на вирусот, постапка која со години наназад се користи за изработка на други вакцини и има оптимален однос на безбедност и ефикасност.