Уште 306 газди не исплатиле плата иако добиле државни пари за тоа

Нови 306 работодавачи ја злоупотребиле државната помош за исплата на плати во услови на пандемија со Ковид-19 и не им исплатиле декемвриска плата на 992 вработени, соопшти на пресконференција директорката на Управата за јавни приходи (УЈП), Сања Лукаревска.

Газдите злоупотребиле државна помош во вкупен износ од нешто над 16,3 милиони денари.

Засега работодавачите добиле само опомена, а по доколку и по рокот не исплатат плата ќе следува присилна наплата со блокада на сметката и пренос на средствата на сметките на вработените лица, потенцираше директорката. Таа посочи дека најголема злоупотреба е забележана во дејностите трговија на мало, угостителство и градежништво, а најголемиот број од овие фирми се од Скопје, Тетово и Гостивар.

Слична ситуација на злоупотреби на државната помош за исплата на плати имаше и минатата година.

Лукаревска информираше дека според моменталната ситуација ланска априлска плата сѐ уште не исплатиле 47 компании за 102 вработени, плата за мај не исплатиле 33 компании за 63 вработени, а јунска плата не исплатиле 54 компании за 145 вработени.

„За овие работодавачи доставени се детални податоци во Јавното обвинителство, за подигање кривична постапка и кај нив се извршени контроли, во координација со Државниот инспекторат за труд. Изрично кажавме дека нема да отстапиме во тоа дека секој управител кој ја злоупотребил државната помош треба да сноси кривична одговорност“, рече Лукаревска.