Здружение „ЕСЕ“: Во Македонија нема сеопфатен и организиран скрининг за рак на грло на матка и рак на дојка

Иако постојат програми за скрининг, односно за рано откривање на ракот на грлото на матката и ракот на дојката, податоците од нивното спроведување покажуваат дека во земјава нема сеопфатен и организиран скрининг за овие малигни заболувања, велат од Здружението „ЕСЕ“.

Тие посочуваат дека средствата кои Министерството за здравство (МЗ) ги одвојува за програмата за скрининг на рак на грло на матка опфаќа само околу 30 отсто од жените од целната возрасна група, жените од 24 до 60 години.

„Дополнително на тоа Министерството за здравство во 2019 година го намали буџетот на оваа програма за 2,8 милиони денари. Воедно, поради недостиг на матични гинеколози, само 60% од жените имаат избрано матичен гинеколог. Сето тоа води кон тоа само 28% од жените да бидат опфатени со оваа програма за период од шест години (2012 – 2018 година). Состојбата е далеку понеповолна помеѓу жените Ромки, бидејќи само 9,5% од нив се опфатени со оваа Програма во периодот од 2012 до 2018 година“, стои во нивното соопштение.

Истовремено, тие потенцираат дека состојбата во однос на програмата за скрининг на рак на дојката е поразителна. Преку програмата, од „ЕСЕ“ велат дека во 2019 година биле опфатени само 0.7 отсто од жените на возраст од 50 до 69 години.

„Поразителна е состојбата помеѓу жените Ромки, бидејќи само четири од 270 анкетирани жени Ромки од Шуто Оризари биле поканети на преглед на дојки за цели четири години (од 2015 до 2019 година). Програмите за скрининг на ракот на грлото на матката и ракот на дојката се од особено
значење за здравјето на жените, бидејќи навременото откривање на овие карциноми овозможува навремено и соодветно лекување. За споредба во европските држави опфатот на жените со овие програми е над 75%“, додаваа тие.

Поради тоа, тие велат дека Министерството за здравство е потребно веднаш да ги зголеми финансиските средства за овие програми, но, и како што додаваат, да ги овозможи сите услови и да обезбеди соодветна координација за доследно спроведување на програмите.

Секоја година, на 4 февруари се одбележува Светскиот ден за борба против карцином, а мотото на овогодишната кампања е „Заедно, секоја наша акција е важна“. Целта, како што велат од „ЕСЕ“ е да се изврши притисок врз владите и поединците во целиот свет да преземат акции против оваа болест, со цел да се постигне свет без карцином.