180 организации за човекови права повикаа на бојкот на Зимските олимписки игри во Пекинг

Повеќе од 180 организации за човекови права повикаа државите да ги бојкотираат Зимските олимписки игри во Пекинг во 2022 година во протест поради масовното прекршување на човековите права од страна на Кина.

Групата, составена главно од регионални организации кои ги поддржуваат Тибет, Тајван, Хонг Конг и етничките Ујгури, велат дека очекувањата за прогрес кога во 2015 година им беа доделени Олимписките игри на Кина завршиле неуспешно.

„Оттогаш Претседателот Си Џинпинг покрена бескрупулозни акции против основните човекови права и слободи“, стои во повикот на групата организации кои бараат од светските влади преку бојкотот да се обесхрабрат чекорите кои ги презема кинеската власт, пренесе Гардијан.

„Меѓународниот олимписки комитет (МОК) одби да не послуша во 2008 година, бранејќи ја нивната одлука за Летните олимписки игри во Пекинг со аргументи дека тоа ќе биде катализатор за подобрување на човековите права. Како што предвидоа активистите за човекови права, таа одлука беше целосно несоодветна. Не само што Кина не ја подобри состојбата со човековите права, туку нивното кршење значително се зголеми. Сега во 2021 година се наоѓаме во истата ситуација со МОК, кои одбиваат да дејствуваат и покрај јасните докази за геноцид и раширени загрозувања на човековите права“, стои во нивното отворено писмо.

Кина во моментов се наоѓаат под засилен меѓународен притисок поради сè поголемиот број докази за насилство и притворање на Ујгурите и другите етнички муслимани во Џинџанг, како и пресметувањето со активистите во Хонг Конг, програмите за принудна работа во Тибет и агресивните политики кон Тајван.

Последниве години властите беа предмет на повеќе санкции и јавни осуди, но работите не се подобрени во меѓувреме.