Во Собранието на Република Северна Македонија денеска беше формирана Интерпартиска парламентарна група за правата на лицата со хендикеп.
Како што објави пратеничката Маја Морачанин од партијата ДОМ, во парламентарната група учествуваат педесет пратенички и пратеници од различни политички партии, за кои вели дека, заедно со граѓанските здруженија ќе работат на унапредување на правата на луѓето со попреченост.
За претседавач на парламентарната група беше назначен пратеникот Јован Митрески, додека за потпретседавачи пратениците Мерита Колчи-Коџаџику, Ели Панова, Никола Мицевски и Халил Снопче.
✅ Денес ја формиравме Интерпартиската парламентарна група за правата на лицата со хендикеп.
😊 Се радувам што 50…Posted by Maja Morachanin on Tuesday, February 2, 2021
Претседателот на Собранието Талат Џафери посочи дека полната сала му влева доверба дека тие се доследни на нивните убедувања, но и дека, како што рече, се сериозно посветени на исполнувањето на сегментот на донесување законски решенија кои ќе бидат од полза за сите.
„Затоа што, јас верувам дека најтешко надминливите бариери се токму тие што ги подигаме во нашата свест, со нашиот начин на размислување и начин на делување. Наша законска, морална и етичка должност е да работиме во насока на симнување на тие бариери, да се посветиме на унапредувањето и заштитата на човековите права и оневозможување на дискриминација по каков било основ и тоа треба да ни биде водилка при секој преземен чекор за менување, дополнување, прилагодување на важечките закони во нашата земја“, рече Џафери.
Истовремено тој посочи дека, сака да оддаде признание на Техничкиот комитет на парламентарната група, односно, на движењето „Полио Плус“ за кое, како што кажа, будно бдее и алармира за недоследностите и можностите за информирање на пошироката јавност за да се иницира коригирање, прилагодување и надоградување на законите кои се носат во Собранието.