Во периодот од 25 до 31 јануари годинава регистрирани се 2.036 нови случаи на Ковид-19 од 33 градови во државава, односно, зголемување од 17.9% во однос на минатата недела, стои во новиот неделен извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), соопштуваат од Министерството за здравство (МЗ).
Истовремено, тестирани се вкупно 13.742 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2 или зголемување од 24.5% во однос на минатата недела.
Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, 984 случаи или 48.3%, со неделна инциденца од 159.3 случаи на 100.000 граѓани. Највисока неделна инциденца е регистрирана во Демир Капија, односно 611.4 случаи на 100.000 граѓани.
„Процентот на позитивност во споменатиот период се движи од 9 до 18%, или во просек 14%, идентично како минатата недела. Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60, 540 случаи или 26.5%. Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 40-49 години, 368 случаи или 18.1%, 50-59, 365 случаи или 17.9%, возрасната група од 30-39, 374 случаи или 18.4% и 20-29, 251 случај или 12.3%. Најмал број е регистриран кај децата од 0-9, 41 случај или 2.0% и 10-19 години, 97 случаи или 4.8%“, стои во извештајот на ИЈЗ.
По два добиени негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 2.977 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, 41.4% помалку во споредба со минатата недела, посочуваат од ИЈЗ.
Пријавени се 64 смртни случаи од 18 града, со намалување од 7.2% во однос на минатата недела. Од починатите, 55 лица биле над 60 години, шест лица биле на возраст од 50-59 години и три лица биле на возраст од 40 до 49 години.
Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата со Ковид-19 за периодот од 25 до 31 јануари 2021 година, како и кумулативната состојба со Ковид-19 во Република Северна Македонија се објавува на веб страницата на Институтот за јавно здравје.