Романија го криминализира создавањето лажни профили на социјалните мрежи

Создавањето на лажен профил во име на друго лице на социјалните мрежи претставува кривично дело, пресуди судот во Романија, јавува „Еуроњуз“.

Создавањето профил што изгледа како на некое друго лице без нивно одобрување е „кривично дело фалсификување“, рече Високиот суд за касација и правда.

Одлуката доаѓа по случај во Брашов од декември 2018 година, кога маж и се заканувал на својата поранешна девојка со објавување на компромитирачки фотографии. На жената и било кажано дека доколку не ја продолжат нивната врска, на интернет ќе бидат објавени неколку разголени фотографии од неа.

Човекот подоцна создал профил со името на жената на една веб-страница за возрасни, каде што поставувал сексуални видеа од нив двајца.

Осомничениот првично беше осуден на три години и осум месеци затвор под обвинение за уцена, фалсификување и повреда на приватноста, одлука што сега ја потврди и вишиот суд.

„Во суштина, ако некој се преправа дека е некој друг на некоја социјална мрежа и може да се докаже дека го користел профилот за создавање правни последици, тогаш тој може да сторил компјутерски фалсификат и соодветно да биде санкциониран“, рече адвокатката Моника Статеску, која е специјализирана за компјутерска безбедност.

Статеску за „Еуроњуз“ изјави дека одлуката сега е обврзувачка за сите други судови во Романија.

Минатата година во земјата беше донесен закон со кој интернет малтретирањето се признава како форма на семејно насилство, кога постои намера да се „срами, понизи, исплаши, закани или замолчи жртвата“.

Овој закон вклучува закани или пораки преку интернет или кога партнерот испраќа интимна графичка содржина без согласност на другото лице.