Тимот предводен од Светската здравствена организација (СЗО) што го истражува потеклото на пандемијата на Ковид-19 се очекува денеска да излезе од хотелскиот карантин и да ја почне теренската работа, две недели по пристигнувањето во кинескиот град Вухан, каде што вирусот се појави кон крајот на 2019 година.
Мисијата беше попречена со доцнење, слаб пристап и расправии меѓу Кина и Соединетите Држави, кои го обвинија Пекинг дека го крие обемот на почетната епидемија и ги критикуваше условите на посетата, според кои кинеските експерти ја спроведоа првата фаза на истражувањето.
„Малку сум тажен што се збогувам од мојата ‘теретана’ и мојата ‘канцеларија’, каде што бев скриен последните 2 седмици!!“, твитна членот на тимот Питер Дазак, заедно со фотографии од опрема за вежбање и работна маса во неговата хотелска соба.
„Сега преминуваме во следната фаза на работа со тимот на мисијата на СЗО и кинеските колеги“, рече тој.
Day 14 of our quarantine in Wuhan!! Slightly sad to say goodbye to my “gym” & my “office” where I’ve been holed up for last 2 wks!! (Clue – It’s all in the same room…). Moving into next phase of work now w/ @WHO mission team & China counterparts. pic.twitter.com/SC75H70WMK
— Peter Daszak (@PeterDaszak) January 28, 2021
Тимот, кој работеше преку видеоконференција додека беше во карантин, е предводен од Питер Бен Ембарек, главниот експерт на СЗО за животински болести што преминуваат на други видови, и се очекува да остане во Кина уште две недели.
СЗО се обиде да ги стивне очекувањата од истрагата.
„Нема гаранција дека ќе најдеме одговор“, изјави месецов шефот за итни случаи на СЗО, Мајк Рајан, пред новинарите. „Тешка е задачата целосно да се утврди потеклото и понекогаш може да бидат потребни два или три или четири обиди да се направи тоа во различни услови“.
Со потеклото на Ковид-19 многу се политизира, вели Ројтерс.
Истражниот тим требаше да пристигне во Вухан порано во јануари, а кинеското одложување на неговата посета предизвика ретки јавни критики од шефот на СЗО, кого поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, во почетокот на епидемијата го обвини дека е „наклонет кон Кина“.
Кина форсираше дека вирусот постоел во странство пред да биде откриен во Вухан, а државните медиуми ги цитираа наводите дека вирусот го имало на увезена амбалажа од замрзната храна и научните трудови што тврдат дека тој циркулирал во Европа во 2019 година.