Колективна тужба против Франција поради наводна системска дискриминација од полицијата

Шест невладини организации денеска поднесоа колективна тужба против француската влада за наводна системска дискриминација од страна на полициски службеници. Организациите, меѓу кои се вклучени и „Хјуман Рајтс Воч“ (ХРВ) и „Амнести Интернешнл“ тврдат дека француската полиција прави расно профилирање за проверка на нечиј идентитет, а дека на мета се Арапите и црнците.

Невладините организации испратија официјално барање до премиерот Жан Кастекс и до француските министри за внатрешни работи и правда, со цел тие да преземат конкретни чекори и реформи за спроведување на законите кои би осигурале дека расното профилирање не одредува кого полицијата запира.

Во однос на расното профилирање од страна на француската полиција се дискутира со години, особено кога станува збор за практиката на полициските службеници кои најчесто ги легитимираат претежно младите црнци и Арапите кои живеат во сиромашните квартови.

Според законот, француските власти имаат рок од четири месеци да разговараат со невладините организации во врска со исполнувањето на нивните барања. Доколку странките што стојат зад тужбата се незадоволни по тој период, случајот ќе се најде на суд, смета еден од адвокатите.

Ова е прва колективна тужба за дискриминација врз основа на боја на кожата или наводно етничко потекло во Франција.