Оваа година имало 73% помалку заболени од сезонски грип во С. Македонија отколку лани

Министерството за здравство сподели податоци дека во сезоната 2020/2021 година вкупниот број на заболени од сезонски грип изнесува 433. Ова претставува 73,2% помалку во споредба со истиот период лани и 86,3% помалку во однос на типичната сезонска крива.

Најголемиот број на заболени се пријавени во возрасната група која опфаќа најголем дел од населението од 15 до 64 години (190 случаи), а највисоката инциденца се регистрира кај децата на возраст од 0 до 4 години.

„Мерките за заштита од КОВИД-19 вирусот придонесоа за намалување на бројот за заболени и на пациенти од сезонски грип. Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасната заштита од ова заболување“, додаваат од Министерството за здравство.

Во втората недела од 2021 година, пријавени се 36 случаи на заболени од грип/заболувања слични на грип, со што се бележи зголемување од 18 случаи во однос на истата недела во 2020 година.

Во Северна Македонија, заклучно со втората недела, вакцинирани се вкупно 48.406 лица против сезонски грип. Од нив, 37.870 лица се вакцинирани со бесплатна вакцина, додека пак 10.536 лица се вакцинирани со комерцијалните вакцини.

Повеќе информации во однос на состојбата со грип во земјава, за сезоната 2020/2021, заклучно до 17.01.2021 година може да се најдат на веб-страницата на Институтот за јавно здравје: https://www.iph.mk/grip-2-nedela-2021/.