Минатата година биле изгубени четири пати повеќе работни места отколку во 2009 година за време на кризата

Минатата година биле изгубени четири пати повеќе работни места поради пандемијата, отколку за време на светската финансиска криза во 2009 година, се наведува во извештајот на Обединетите нации (ООН), пренесува „Ал Џазира Балканс“.

Агенцијата на ООН, Меѓународната организација на трудот (МОТ), процени дека ограничувањата на деловниот и јавниот живот минатата година уништиле 8.8 отсто од сите работни часови во светот.

Тоа е еквивалентно на 255 милиони работни места со полно работно време, што е четири пати повеќе отколку за време на финансиската криза пред десет години.

„Ова е најлошата криза за овој сектор од Големата депресија во 30-те години. Нејзиното влијание е далеку поголемо од влијанието на глобалната финансиска криза од 2009 година“, рече генералниот директор на МОТ, Гај Рајдер.

Од МОТ наведуваат дека повеќето луѓе кои останале без работа престанале да бараат работа, веројатно поради ограничувањата за фирмите кои вработуваат голем број на работници, како што се, рестораните, баровите, продавниците, хотелите и други услуги кои зависат од интеракција лице в лице.