„Струшките вечери на поезијата“ го објавија конкурсот за меѓународната поетска награда „Мостови на Струга“

Фестивалот „Струшки вечери на поезијата“, во соработка со УНЕСКО, го објавија конкурсот за меѓународната поетска награда „Мостови на Струга“ (2021) за најдобра дебитантска книга од млад автор.

Конкурсот трае до 1 март 2021, а книгите можат да се испратат на поштенската адреса на Струшките вечери на поезијата или во електронска форма.

Наградата вклучува статуетка, паричен износ и објавување на книга на поетот – лауреат во превод на македонски јазик. Лауреатот ќе биде објавен на Светскиот ден на поезијата, 21 март 2021.

Наградата „Мостови на Струга“ е воведена во 2003 година, по повод прославата на Светскиот ден на поезијата – 21 март, со цел да се стимулира, промовира и афирмира поетското творештво како еден од најзначајните креативни изрази на човештвото.

Секоја година, СВП и УНЕСКО заеднички го чествуваат овој ден, при што официјално се соопштуваат и промовираат добитниците на наградите „Златен венец“ и „Мостови на Струга“.

За учество во конкурсот потребно е дебитантските изданија да бидат напишани од поети под 35 години, а кандидатите треба да испратат 3 копии од книгата со која конкурираат на конкурсот, како и најмалку 5 песни од истата книга преведени на англиски јазик, како и ISBN бројот заедно со 3 книги во печатена форма на поштенската адреса на Струшки вечери на поезијата (поштенски фах 109, 6330 Струга, Република Северна Македонија) или преку Националните комисии за УНЕСКО на државите членки.

Кандидатите кои својата апликација ќе ја остварат онлајн, потребно е да ја испратат апликацијата на struga@svp.org.mk и spefestival@gmail.com.

Наградата вклучува статуетка, паричен износ и објавување на книга на поетот –лауреат во превод на македонски јазик. Лауреатот ќе биде објавен на Светскиот ден на поезијата, 21 март 2021.

Поетот–лауреат ќе биде поканет да учествува на изданието на „Струшките вечери на поезијата“ во Струга истата година, кон крајот на август 2021, каде и ќе им биде врачена наградата на манифестацијата „Мостови“.

Досегашни добитници на наградата биле: Ангело В. Суарез (Филипини) 2004, Андреа Коте (Колумбија ) 2005, Маријана Гејде (Руска Федерација) 2006, Мануа Риме (Белгија) 2007, Антонија Новаковиќ (Хрватска) 2008, Усман Сарус (Сенегал) 2009, Сим Кера (Естонија) 2010, Хироши Таниучи (Јапонија) 2011, Франсоа-Ксавиер Мегр (Франција) 2012, Николина Андова Шопова (Македонија) 2013, Хари Ман (Велика Британија) 2014, Паула Бозалонго (Шпанија) 2015, Руна Светликова (Белгија) 2016, Горан Чолакхоџиќ (Хрватска) 2017, Паули Тапио (Финска) 2018, Моника Херцег (Хрватска) 2019 и Мартина Стракова (Словачка) 2020.