Чешки угостители се регистрираат како политичка партија за да може да примаат гости

Протестната иницијатива на чешките угостители, насловена „Умрено куче“ откри како да се надмудри карантинот и строгите санитарни мерки на владата и одлучи да формира политичка партија насловена „Ќе ја отвориме Чешка“. Сите ресторани, кафулиња, пабови, па дури и продавници што би сакале да бидат отворени и да примаат гости, ќе бидат пријавени како локални ограноци, каде што членовите одржуваат политички состаноци, пренесува „Н1“.

„Секој ресторан што ќе се пријави ќе биде регистриран како огранок на политичка партија. Ќе се одржуваат состаноци, а гостите ќе бидат членови на нашата политичка партија. Состаноците на локалните собранија, политичките партии и парламентот се исклучени од законот за вонредни состојби“, рече еден од иницијаторите на отпорот против карантинот, Јиржи Јанечек.

На прес-конференцијата во Прага на која иницијативата го претстави новиот начин за отворање на рестораните и кафулињата, и покрај ограничувањата, адвокатот Радек Сухи рече дека во секој ресторан или продавница, ќе има петиција која ќе биде неопходна за воспоставување политичко движење, додека на влезот ќе биде поставена видлива ознака дека местото е всушност седиште на локалната партиска организација.

Јаначек посочи дека над 1.000 ресторани и кафулиња веќе се приклучиле и се регистрирале на иницијативата.

„Тоа е одговор на тоа што оваа влада ја злоупотребува својата моќ“, рече Јанечек и додаде дека идната партија сепак нема да учествува на есенските парламентарни избори.

Иницијативата „Умрено куче“ го доби бизарното име по чешкиот епидемиолошки систем, чија кратенка „ПЕС“ на чешки значи куче, а владата го избра кучето како симбол за секое од петте нивоа на ризик во епидемијата на Ковид-19.