Министерството за економија ги повлече измените на Законот за минерални суровини од скратена собраниска постапка после притисокот од Алијансата за застапување и лобирање „Разбистри се“, составена од 48 граѓански организации, високообразовани институции и медиуми. Алијансата бара од Министерството за економија да ги вклучи експертската јавност и сите заинтересирани граѓани во процесот на креирање и усвојување на законот и да им овозможи да дадат предлози за подобрувања на законскиот текст.
Од Алијансата сметаат дека можностите за какви било недоразбирања и недоречености во врска со законските измени ќе бидат минимални, само доколку процесот на донесување на Законот е јавен и инклузивен. Токму затоа бараат предлог-законот да се врати во редовна собраниска постапка каде ќе може да ги образложи своите предлози за подобрување на текстот и зошто не се согласува со некои предложени решенија.
„Алијансата „Разбистри се“ смета дека законските измени се потребни, но тие мора да се донесат во редовна собраниска процедура. Потребното интегрирање на нови, усогласени и урамнотежени решенија во законскиот текст е единствено можно само после широка експертска и јавна дискусија. Со ставање на нов усогласен предлог-закон во редовна собраниска процедура, односно, со негово јавно објавување на ЕНЕР, со две читања во Собранието на РСМ и со одржување собраниска јавна расправа, дополнително ќе се обезбеди тој да биде усвоен низ отворен и транспарентен процес со вклученост на сите засегнати страни“, стои во нивното соопштение.
Според Архуската конвенција, Министерството за економија, како носител на директни или индиректни обврски во областа на управувањето со животната средина, е обврзано да овозможи учество на јавноста во процесот на креирање на законите, правилниците и другите правни акти во врска со геолошките истражувања и експлоатацијата на минералните суровини.
Алијансата за застапување и лобирање е предводена од Институтот за комуникациски студии како дел од кампањата „Разбистри се“.