Холандската влада поднесе оставка по скандалот поврзан со надоместоци за детска грижа, откако во официјален извештај се вели дека министри, државни службеници, парламентот, па дури и судии имале улога во аферата, поради што родителите обвинети за измама, останаа немоќни да го возвратат ударот, пренесува „Н1“.
Според порталот „DutchNews“, аналитичарите наголемо очекуваа распад на четирипартиската коалиција, а додатен замав за оставката на владата беше и вчерашната одлука на лидерот на Лабуристичката партија Лодевик Ашер кој поднесе оставка, само два месеци пред изборите.
Ашер беше министер за социјална работи во времето на скандалот, во кое илјадници семејства беа погрешно обвинети за измама на даночните власти и им беше наредено да ги вратат бенефициите, што многумина ги доведе во незавидна финансиска состојба, пишува порталот.
Истовремено, според „Ројтерс“ и „Би-Би-Си“, премиерот Марк Рут ќе ја предаде колективната оставка на холандскиот крал до крајот на денот, со оценка дека семејствата претрпеле „невидена неправда“.
И покрај најавената оставка, владата на Рут се очекува да управува со земјата до парламентарните избори кои се закажани за во март годинава.