Сé уште нема парно и топла вода во студентскиот „Кузман Јосифовски Питу“

И денеска студентите кои се сместени во студентскиот дом во центарот на Скопје, „Кузман Јосифовски Питу“ се разбудија смрзнати, без парно, а немаат ниту топла вода.

„Сé уште нема ни парно ни топла вода“, вели за Радио МОФ студентка од домот, која заедно со група студенти алармират за проблемот кој како што велат, се појавил на почетокот на месец јануари.

„Температурите надвор се секој ден се пониски, а ние остануваме без основните услови за живот. Откако се пожаливме кај управничката добивме два различни одговори – прво дека имало дефект, а откако продолживме да инсистираме дека ситуација не е во ред, добивме друг одговор дека проблемот бил во тоа што се менувал директорот. Заклучокот на управничката беше дека “деновиве” ќе има парно и топла вода. Деновиве – додека ние седиме во ладни соби и не можеме да си обавиме хигиена на овие ладни температури а тие од управата си одат дома на топло“, велат студентите.

Од ДСД „Скопје“ пак велат дека проблемот е во доцнење на испораката на екста лесно масло за горење во овој студентски дом. Директорот Виктор Велевски, кој минатиот месец ја презема оваа функција, вели дека гориво има, ама се појавил проблемот со испораката поради попис во Дирекцијата за задолжителни нафтени резерви.

„Во комуникација сме со интитуциите. Денеска заедно со министерката за образование Мила Царовска и претставници на Владата баравме побрзо решение за проблемот. Температурите се ниски, а студентите се греат на греалки на струја, но проблем е топлата вода“, вели директорот, без да прецизира кога студентите ќе добијат парно и топла вода.

Додава дека дел од греалките на струја биле обезбедени од домот, а дел студентите си ги донеле од дома.

Инаку, ова е единствениот студентски дом во Скопје што не е приклучен на градското парно, и покрај најавите дека тоа ќе се случи уште минатата година. Смената на системот за грење во домот влезе во Планот за чист воздух претставен во 2018 година, по острите реакции на јавноста поради испуштањето црн чад од домот во центарот на Скопје. Во јули 2019 година, Владата донесе одлука за одобрување средства од Буџетот од 9 милиони денари (околу 150 000 евра) за замена на системот за греење.

„Со оваа одлука, согласно препораките од Планот за чист воздух и од Програмата за намалување на аерозагадувањето на Владата, ќе се замени системот за затоплување на домот за кој сега се користи мазут кој емитира повеќе од 28 килограми PM2.5 и исто толку PM10 годишно. Со оваа одлука, студентскиот дом ќе биде претплатен на системот за централно греење во Град Скопје. Трошоците за греење ќе останат слични, додека загадувањето за загревање на студентскиот дом ќе се намали за седум пати“, стоеше во владината одлука.

Како што појаснува Велески, системот уште не е заменет, бидејќи анализата покажала дека парите одвоени за оваа намена не биле доволни. Затоа сега ќе се прави нов план, па се надева оти од следната грејна сезона ќе има еко греење и во овој студентски дом. Единствено што е сменето во меѓувреме е што наместо мазут, во последните 2 години домот за греење коритсти екстра гориво.

Бројот на студенти кои добија легло во овој студентски дом годинава е околу 240. За време на празниците студентите си заминаа дома, а во моментов, според директорот, во него престојуваат триесетина студенти.