Градоначалничката Ан Хигалдо даде „зелено светло“ за проектот кој ќе ја транформира улицата „Шанз-Елизе“ во парк, промена која ќе чини 250 милиони евра.
Сепак, промената ќе започне по 2024 година, кога Париз е домаќин на Олимпијадата.
Планот кој беше објавен во 2019 година од страна на локалните градоначалници и бизнисмените, ќе ја трансформира улицата долга скоро 2 километри во огромен парк.
Комитетот на „Шанз-Елизе“ навивал за големиот ре-дизајн на улицата уште од 2018 година.
„Улицата ја изгуби својата автентичност во последниве 30 години. Парижаните ја избегнуваа, а беше погодена од неколку кризи – штрајкови, здравствена и економска криза“, изјавиле од Комитетот при славење на соопштението на градоначалничката.
„Се вели дека тоа е најубавата улица на светот, но ние што работиме таму не сме сигурни во тоа. „Шанз-Елизе“ има се повеќе посетители и големите бизниси „се тркаат“ да најмат простор, но на французите им е здосадена“, изјавил Жан Ноел Реинхарт, претседателот на Комитетот во 2019 година.
Комитетот одржал јавна дискусија за што да се случи со улицата. Дел од плановите вклучувале намалување на коловозните ленти на пола, транформација на улиците во пешачки и зелени површини и садење на дрвореди за прочистување на воздухот.
Името на „Шанз-Елизе“ е фрацускиот назив за митскиот грчки рај – „Елизејските полиња“ – кои се претставени како микс од мочуришта и градини.
Андре Ле Нотре, градинарот на Луи XIV првично ја дизајнирал долгата патека за прошетки. Улицата го добила своето сегашно име во 1709 година, а при крајот на 18-от век станало популарно шеталиште и место за излети.
Денес улицата е позната по скапите кафулиња, луксузни продавници за облека и автомобили.
Пред да започне кризата од ковид-19, архитектот Филип Чамбриета, нагласил дека од 100,000 пешаци на улицата на дневно ниво, 72 отсто биле туристи, а 22 отсто биле вработени, додавајќи дека на булеварот со осум ленти, за еден час поминуваат околу 3,000 автомобили и местото станува многу загадено.
Чембриета истакнал дека „Шанз-Елизе“ станала место каде што се собираат сите проблеми на поголемите градови – загадување, паркинг, туризам и конзумеризам, па улицата требало да се обнови за да биде поеколошка, посакана и поинклузивна.
Градоначалничката изјавила дека проектот е еден од поголем план за обновување на градот, кој вклучува и трансформирање на просторот околу Ајфловата кула во огромен парк во срцето на Париз.
Извор: Guardian