Хибридната настава продолжува и во второто полугодие

Учениците во второто полугодие ќе продолжат да ја слушаат наставата преку хибридниот модел – физички и онлајн.

Ова денеска го соопшти министерката за образование и наука Мила Царовска, додавајќи дека доколку има промена во епидемиолошката состојба, Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство ќе го разгледаат ова прашање заедно со МОН.

Според Царовска, првото полугодие поминало успешно и покрај вонредните услови.

Таа наведе дека 90 отсто од учениците следеле онлајн настава без пречки преку ИТ уреди, додека 10 отсто преку ТВ и со достава на материјали за учење. Процентот на заболени, пак, меѓу оние со физичка настава бил значително мал, посочи Царовска.

„Ова укажува дека хибридниот модел, којшто го усогласивме заедно со Министерството за здравство и Владата на почетокот на септември месец, а го спроведовме од почетокот на октомври месец, даде резултат и ние во контиунитет имавме настава за сите ученици во државата на различни начини“, изјави Царовска при нејзината посета на Ботаничката градина при Институтот за биологија.

Претходно, Царовска онлајн се сретна со директори на основни и средни училишта од државата. Тие истакнале дека иако на почетокот на училишната година отпорот кон онлајн наставата бил голем, хибридниот модел ги дал посакуваните резултати.